Четири милиони денари (околу 65.000 евра) за четири претстави доби Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ за 2025 од Министерството за култура и туризам.
„Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Синиша Евтимов, доби 1.400 000 денари (22.750 евра), пробите почнаа, а премиерата е најавена за 27 Март, Светскиот ден на театарот, за почеток на фестивалот „5ре“. Годинава ќе се сработат се „Искрените“ од Карл де Шамблен Мариво во режија на Владимир Милчин, со 1.500.000 денари (24.300 евра), „Галеб“ од А. П. Чехов во режија на Александар Ивановски, за 700.000 денари (11.400 евра) и „Не можам да платам, нема да платам“ од Дарио Фо во режија на Елеонора Теова, со 400.000 денари (6.500 евра), која ќе се игра на малата сцена.
Министерството за култура годинава одлучи 18 национални установи да добијат делегиран буџет.
„Со добиениот буџет ќе реализираме четири претстави. Ќе го кренеме на повисоко ниво нашиот театар и нашата посетеност. На крајот од годината пред Министерството за култура се дава отчет како се потрошени средствата, каде сме настапиле, дали и кои награди сме ги освоиле, колку сме успеале со овие претстави, колку публика ги видела. Има одговорност со овој делегиран Буџет што е сработено. Ќе создадеме и две детски претстави од наши средства, таа публика е нашата иднина и мораме да ја негуваме“, кажа директорот на театарот Жарко Спасовски.
Доделени се 800.000 денари (13.000 евра) за реализација на годинашното издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“. Театарот доби и 480.000 денари (7.800 евра) за реализација на планираните активности за меѓународна соработка. Надвор од овој буџет, Министерството за култура годинава одобри 408.000 денари (6.600 евра) за театарскиот фестивал „5ре“.
Лани, Велешкиот театар од Министерството за кулура доби 2,3 милиони денари (373.000 евра) за две престави, за фестивалот „Стоби“ 600.000 денари (9.700 евра), а 500.000 (8.100 евра) за меѓународно гостување.
Министерството за култура и туризам одобри вкупен буџет од 150 илјади евра (9.223.530 денари) за Македонскиот народен театар (МНТ.) Од нив, 102 илјади евра (6.300.000 денари) се за драмска дејност, а 16.300 евра ( 1.100.000 денари ) за меѓународна соработка. Годинава ќе режираат Владимир Милчин, Дејан Пројковски, Нела Витошевиќ, Срѓан Јаниќијевиќ.
Согласно делегираниот буџет од Министерството, Театар Комедија годинава ќе има три премиери со буџет од 39 илјади евра (2, 4 милиони денари). Управниот одбор дал согласност парите да бидат распоредени во следниве три проекти: „Секс, лаги и главоболки”, во режија на Александра Кардалевска (колективно авторство) во висина од 200 илјади денари (над 3.200 евра), „Аматери”, во режија на Синиша Евтимов (според Луис, Шилдс и Џонатан) во висина од 1, 4 милиони денари (околу 22.650 евра) и за „Ивана, принцезата на Бургунд”, во режија на Драгана Милошевска-Попов, во висина од 800 илјади денари (околу 13.000 евра).
Драмскот театар во Скопје соопшти дека во театарот годинава ќе режираат претстави Иван Пеновиќ од Хрватска, Синиша Евтимов, Ненад Витанов, Филип Петковски и Драгана Милошевска-Попов. Драмски театар доби буџет од 5,9 милиони денари (95.885 евра) за реализација на пет претстави во 2025.
- МНТ ДОБИ 102 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ПРЕТСТАВИ, ЌЕ РЕЖИРААТ МИЛЧИН, ПРОЈКОВСКИ, ВИТОШЕВИЌ, ЈАНИЌИЈЕВИЌ
- КАРДАЛЕВСКА, ЕВТИМОВ И МИЛОШЕВСКА-ПОПОВ ГОДИНАВА ЌЕ РЕЖИРААТ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА
- ЕВТИМОВ, ВИТАНОВ, ПЕТКОВСКИ, МИЛОШЕВСКА-ПОПОВ И ХРВАТОТ ПЕНОВИЌ ЌЕ РЕЖИРААТ ГОДИНАВА ВО СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР
П. ПЕЧКОВ