75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА АЗБУКА – 5 МАЈ Е МЕЃНИК КОЈ ЈА ОЗАКОНИ ДРЖАВНОСТА

    75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА АЗБУКА – 5 МАЈ Е МЕЃНИК КОЈ ЈА ОЗАКОНИ ДРЖАВНОСТАДелата на автори како Крум Тошев, Мирко Павловски, Васил Иљоски, особено на Блаже Конески, авторот на Граматиката на македонскиот јазик, на Историјата на македонскиот јазик и редакторот на тритомниот Речник на македонски јазик, претставуваат цврста основа за подем на македонистичките проучувања на образовните и научните установи во земјава. - Споменикот на Блаже Конески пред МАНУ. (Фото: К. Попов)

    Одбележувањето на значајниот јубилеј 75 години од озаконувањето на македонската азбука е во фокусот на денешниот датум 5 Мај, Денот на македонскиот јазик кој се прославува од лани. Дефинитивното оформување на македонската азбука и правопис има долга предисторија, велат од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

    На овој чин му претходел долг, постепен процес на зреење. Врз него се работело безмалку цел еден век, уште од средината на 19. век, почнувајќи од дејноста на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Партениј Зографски и мнозина други будни македонски интелектуалци, поети и културни работници, меѓу кои особено се изделуваат македонистите како претходници на делото на Крсте Петков Мисирков.

    „Токму Мисирков, со своите етнографски и лингвистички заложби за македонскиот јазик, ја означува преткодификациската фаза од развојот на македонскиот литературен јазик. Идеите на Кочо Рацин за македонската јазична матица во книжевните пројави на македонските творци од 19. век, како и размислите на членовите на Македонскиот литературен кружок, се логична врска меѓу македонската писменојазична традиција и современите текови на младата македонска филологија, литература и култура, која суверено започнува со дејноста на македонскиот универзитет ‘Свети Кирил и Методиј“, велат од Катедрата за македонски јазик.

    Според професорите, решението за „заведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава“ е една од најсуштествените национални придобивки на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944), со која се отвора непречено патот за усвојување на јазичната норма и за институционално озаконување на македонската азбука, т. е. за нејзината стандардизација.

    „Тоа е основен предуслов за понатамошна кодификација на македонскиот јазик, постигната во изненадувачки кус рок и тоа во мошне бурен период од светската историја, кон крајот на Втората светска војна, во која македонскиот народ самостојно ја извојува својата државност и се здоби со право самиот да одлучува за својата иднина“, велат од Катедрата.

    Една од првите заложби е официјалното издигнување на македонскиот народен јазик на рамниште на литературен јазик во македонската држава и неговото заживување во сите сфери на јавната употреба, во институциите на општеството, во просветата и културата, во јавните медиуми: радиото, печатот итн. И таа одлука не останува само декларација на лист хартија туку уште пред ослободувањето и веднаш по него прераснува во опсежни дискусии за јазикот и правописот, чија основна цел е преку синтеза на различни мислења да се постигне единственост на македонската азбука, како еден од најважните услови за правилниот развој на писменоста и литературата.

    •  На 3 мај 1945 Комисијата за јазик и правопис ѝ ги поднесува своите заклучоци на федералната влада на Македонија, која истиот ден, на заседание, го усвојува предлогот на комисијата и го донесува решението за македонската азбука.
    • Веќе на 5 мај 1945 ова решение е објавено, а со тоа и официјализирано во весникот „Нова Македонија“.
      „5 мај 1945 е меѓник во стандардизацијата и кодификацијата на македонскиот јазик. Со озаконувањето на македонската азбука се отвора патот и до третиот важен настан за да се зацврсти државноста – озаконување на Македонскиот правопис“, велат професорите.
    • На 7 јуни 1945, се започнува и со издавање значајни публикации за наставата на македонски јазик: првиот Буквар со читанка на македонски јазик за прво одделение (во учебната 1945/46), со кој почнува организираната настава по мајчин, македонски јазик во училиштата; првиот учебник по граматика на македонскиот јазик (Македонска граматика, 1946) од Круме Кепески; првите читанки за основните и средните школи и други изданија од македонски автори, во кои на учениците им се разотвораат македонската книжевна традиција и актуелните достигнувања на младата македонска литература.

    Бистата на Блаже Конески пред МАНУ. Тој e прв претседател на МАНУ, на Друштвото на писателите, еден од основачите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, автор на капиталните дела како Граматиката од 1952/53 година, Историјата на македонскиот јазик од 1965, Речникот, чиј прв том го составува со Тодор Димитровски, Благоја Корубин и Трајко Стаматовски, а вториот и третиот том ги составува сам, изданија кои се препечатувани уште по неколку пати. (Фото: К. Попов)

    Кодификацијата на македонското писмо (азбуката) и правопис е само последователна фаза во низата преткодификациски заложба за писмена фиксација на македонскиот збор во различни видови текстови. Катедрата како прва институционална единица на Факултетот е основана во 1946. На Факултетот предавале Крум Тошев, Блаже Конески, Мирко Павловски, на Универзитетот Васил Иљоски, а членови на првата Комисија за јазик и правопис биле Михаил Петрушевски и Ѓорѓи Шоптрајанов.

    „Нивните дела, особено на Блаже Конески, авторот на Граматиката на македонскиот јазик, на Историјата на македонскиот јазик и редакторот на тритомниот Речник на македонски јазик, претставуваат цврста основа за подем на македонистичките проучувања на катедрите на Филолошкиот факултет, како и на Институтот за македонски јазик, на Македонската академија на науките и уметностите. Македонскиот јазик е факт на чии правилно поставени темели 75 генерации го стекнале своето образование, кој се пројавува во сите форми на писмената и усната комуникација, јазик на книжевноста, науката, културата“, вели образовниот кадар од Филолошкиот факултет.

    Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) лани во декември усвои Повелба за македонскиот јазик во којашто ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.

    „Повелбата ги зацврстува ставовите на МАНУ за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела. На тој начин, МАНУ ја истакнува својата определба дека најдобра заштита на македонскиот јазик е создавање услови за остварување на неговата улога на значаен фактор на општествената и културната интеграција во државата“, рекоа тогаш од МАНУ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира