90 ДЕЛА ОД КОСТАДИН ТАНЧЕВ-ДИНКА, МАЈСТОР НА ГРАФИКАТА, НА ИЗЛОЖБА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ

    90 ДЕЛА ОД КОСТАДИН ТАНЧЕВ-ДИНКА, МАЈСТОР НА ГРАФИКАТА, НА ИЗЛОЖБА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ„Белешка од дневникот“ на Костадин Танчев-Динка, масло на платно од 2012 (Фото: Национална галерија на Северна Македонија )

    Вечерва во 20:30 часот во Даут пашин амам ќе се отвори ретроспективна изложба на Костадин Танчев-Динка, еден од најзначаните современи македонски уметници, кој важи за водечки мајстор иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации. Ќе бидат изложени околу 90 дела од областа на графичката уметност, сликарството и графичкиот дизајн – пресек на повеќедецениско творештво на Танчев-Динка, како и неговите најнови дела – интегрална графика „Време – Игри“ (2017/2018). Кустоси на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова, Маја Чанкуловска-Михајлоска и Горанчо Ѓорѓиевски.

    „Бодликава тема“, масло на платно, 2000 (Фото: Национална галерија на Северна Македонија )

    Танчев е роден во 1940 во Валандово, а училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1961.  Од 1961 студира на Академијата за применета уметност во Белград, а по завршувањето на првиот степен, по препорака на Универзитетскиот совет на Белградскиот универзитет во текот на 1963-1964 бил на специјализација во Лондон. Од 1969-1970 година работи во секторот за маркетинг во НИП „Нова Македонија“. Од 1973-1975 година престојувал во Париз каде што изложувал во повеќегалерии. Во 1975 учествувал на изложбата „50-те млади надежни сликари“ на Мајскиот салон „Дефанс“ во Париз.

    По враќањето од Париз, од 1975, продолжува да работи како раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно информативниот центар во Скопје. Во периодот од 1978-1981 година активно учествувал во научните истражувања и реализацијата на новите форми на културна комуникација и творештво, што се изведувале во рамките на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

    Плакат за филмот „Хасанагиница“, 1967 (Фото: Национална галерија на Северна Македонија )

    Од 1985 е избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во графичкиот оддел по предметите цртање и графика со графички техники. Истовремено, во овој период е ангажиран во изведувањето на наставата во насочениот дел од студиите, во насоката графички дизајн и под негово менторство со успех се одвива наставно-образовниот процес по опрема на книга и илустрација, фотографија, визуелни комуникации, плакат и графички стандарди.

    Учествува во реализацијата на издавачката дејност на Факултетот, особено во издавање на Графичката мапа на професорите на ФЛУ во 1987, публикацијата по повод десетгодишниот јубилеј на ФЛУ, студентската мапа од 1986 и поголем број каталози и идејни решенија за потребите на Факултетот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира