АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ НЕ МИ ИСПЛАЌА ЗА „ЗОКИ ПОКИ“, СЕ НАДЕВАМ НЕ ОТИ ГО ТУЖАМ ТОЗИЈА ДЕКА НЕОВЛАСТЕНО ГО ПРОДАДЕ „ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ“, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТОТ НАСКОВ

    АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ НЕ МИ ИСПЛАЌА ЗА „ЗОКИ ПОКИ“, СЕ НАДЕВАМ НЕ ОТИ ГО ТУЖАМ ТОЗИЈА ДЕКА НЕОВЛАСТЕНО ГО ПРОДАДЕ „ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ“, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТОТ НАСКОВПродуцентот Роберт Насков (десно) потврдува дека продуцентската куќа „Партизанс“, има поднесено кривична пријава против директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, дека незаконски ги продавал правата за дистрибуција на филмот „Ослободување на Скопје“, но додава дека не коментира повеќе бидејќи тоа е работа на обвинителството. (Фото: СДК.МК/Фејбук страна на ТВ-серијата „Зоки Поки)

    Емитувањето на ТВ-серијата „Зоки Поки“ заврши минатиот месец, но Агенцијата за филм сѐ уште ги нема исплатено парите кон продукцијата „Кино око“ на Роберт Насков, кој пак во февруари поднесе кривична пријава против директорот на Агенцијата Горјан Тозија. ТВ-серијата „Зоки Поки“, во режија на Александар Поповски, според романот на Оливера Николова, во текот на мај се емитуваше на Македонската радиотелевизија (МРТ). Кривичната пријава е за друг случај, Насков го тужи Тозија дека незаконски ги продавал правата за дистрибуција на филмот „Ослободување на Скопје“, чиј што главен продуцент беше неговата куќа „Партизанс“.

    Продуцентот Роберт Насков за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека продуцентската куќа „Партизанс“, чиј сопственик е тој заедно со режисерот Александар Поповски, има поднесено кривична пријава до Основното јавно обвинителство против директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, но и тој и Поповски велат дека не коментираат повеќе бидејќи тоа е работа на Обвинителството.

    Пријавата се однесува за филмот од 2016 „Ослободување на Скопје“, во режија на Данило и Раде Шербеџија, каде мнозински продуцент со 69 отсто е „Партизанс“, додека копродуценти се „МП филм продакшн“ од Хрватска и „Арт филмс продакшн АФП“ од Финска. Филмот се снимаше на крајот на 2014, а премиерата беше во октомври 2016. Тозија во тој период бил ангажиран како надворешен соработник на филмот, но заедно со хрватскиот копродуцент Игор Нола, без знаење на главниот продуцент Насков, ги продале правата на филмот на дистрибутери од Холандија и од Италија. Во 2016 „Ослободување на Скопје“ беше и македонски кандидат за Оскар.

    Со оглед дека Агенцијата за филм во 2014 го поддржа овој филм со 1.25 милиони евра, Насков и Поповски сметаат дека Тозија, кој стана директор на Агенцијата во август 2017, претходно со неовластената продажба го оштетил буџетот со над 20.000 евра, оти дел од парите за дистрибуција треба да се вратат во Агенцијата.

    „Што се однесува до ТВ-серијата ‘Зоки Поки’, за жал, средствата не се во целост исплатени иако серијата заврши со емитувањето. Овој проект не беше опфатен со мерките на Агенцијата за помош на филмските работници во време на коронакризата. Се надевам дека причината за тоа не е токму кривичната пријава кон директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија. ‘Кино око’ навреме ги заврши сите обврски кон Агенцијата и очекувам дека во брзо време исплатата ќе биде завршена и со тоа ангажираните колеги ќе ги добијат заслужените хонорари“, ни изјави продуцентот Роберт Насков.

    На нашето прашање до Агенцијата за филм, дали причината за неисплаќањето на „Зоки Поки“ е кривичната пријава што против директорот на агенцијата Горјан Тозија ја поднеле продуцентите за неовластена продажба на филмот „Ослободувањето на Скопје“, вишиот соработник за филмска дејност во Агенцијата Анита Стојческа ни одговори:

    „Во однос на ова прашање ве информираме дека тоа се односи помеѓу лицето Горјан Тозија и продуцентот Роберт Насков. Тоа што постои несогласување во доставената документација за проектот ‘Зоки Поки’ и истото е нотирано од службите во Агенцијата и Управниот одбор (каде директорот нема право на глас) нема корелација со односи настанати надвор од оваа институција“.

    Стојческа ни рече и дека играната серија „Зоки Поки“ е проект поддржан на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2018 за производство на други аудиовизуелни дела (документарна и играна серија), со одлука на Управен одбор на Агенцијата.

    • „ За проектот согласно донесената одлука е потпишан договор за финансирање бр. 08-1022/17 од 20.12.2018г. и за реализација на истиот до сега се исплатени вкупно 90,5% од вкупно доделените средства со посебни Решенија за исплата и тоа:
    • Решение за преведување на средства бр.08-1022/18 на 24.12.2018г. на продуцентот ДФПМ Кино Око ДООЕЛ Скопје му се префрлени 50% од вкупно доделените средства
    • Решение бр.08-1162/9 од 04.09.2019 направена е исплата до 80% од вкупно одобрените средства,
      Решение бр. 08-639/3 од 06.05.2020г. направена е и наредна исплата до 90,5%.

    Од Агенцијата велат дека она за што во моментот се чека на наредната рата за целосна исплата на проектот до 100 проценти е тоа што „од страна на продуцентот не е се исполнети во целост обврските кои се однесуваат на: достава на документација која се однесува на промени настанати во буџетот за реализација на играната серија, кој во текот на реализацијата се зголемил, а притоа согласно доставената документација за промена на буџет во Агенцијата, износот на истиот се разликува со оној кој е наведен во копродукцискиот договор помеѓу Друштвото за филмска продукција ‘Кино око’ и МРТ“, која исто така има доделено средства за реализација на проектот“.

    „Согласно горенаведеното, исплата на наредната рата ќе следи откако од ДФПМ ‘Кино око’ ДООЕЛ Скопје, ќе ја достават документацијата која од страна на Управниот одбор беше побарана во два наврати и тоа на 19 мај и на 10 јуни 2020“, ни кажа Стојческа од Агенцијата за филм.

    Насков на тоа вели вели дека останува на истиот одговор, дека сите обврски се подмирени кон Агенцијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира