Концертниот албум во живо на македонскиот пијанист Симон Трпчески и Кралскиот шкотски национален оркестар е номиниран за Меѓународните награди за класична музика (ICMA). Албумот во издание на „Лин рекордс“ е номиниран за најдобро концертно издание, соопшти Здружението за култура и уметност „КултурОп“.
На албумот е објавена изведбата во живо на два концерта за пијано и оркестар од францускиот композитор Камиј Сен-Санс, на Трпчески со Кралскиот шкотски национален оркестар под диригенство на Томас Сондергард од Данска. Станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и јуни 2024 во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на цеде изданието е искористено делото „Пејзаж“ на уметникот Славчо Спировски.
Во 16 категории се номинирани околу 350 аудио и видео изданија, објавени од стотина издавачки куќи од Европа, Азија и Северна Америка. За едно издание да биде номинирано, потребно е да биде предложено од најмалку двајца членови на жирито.
„Голем број авторитетни светски медиуми со суперлативи го оценија ова издание на кое елитната екипа ги изведува Концертот број 2 и Концертот број 5 – ’Египетски’ на познатиот француски композитор. Ним деновиве им се приклучи и реномираната германска критичарка на ’Пијано њуз’ и Магазинот за камерна музика ’Енсембле, Изабел Федрици, која во својата рецензија подвлекува дека со ова издание ’македонскиот пијанист Симон Трпчески претставува уште еден импресивен доказ за својата совршена техника, брилијантност и музикалност’, оценувајќи го со највисока оценка и означувајќи го како ’инспиративна и револуционерна снимка’“, вели Здружението „КулртурОп“.



