АНСАМБЛ ОД МАКЕДОНСКАТА ОПЕРА И ОРКЕСТАР НАСТАПИ СО АТИНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА НА ГАЛА-КОНЦЕРТОТ ЗА МАРИЈА КАЛАС НА СИРОС

    АНСАМБЛ ОД МАКЕДОНСКАТА ОПЕРА И ОРКЕСТАР НАСТАПИ СО АТИНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА НА ГАЛА-КОНЦЕРТОТ ЗА МАРИЈА КАЛАС НА СИРОСНаде Талевска како Лучија од Ламермур/Од концертот за Марија Калас. (Фото: Приватна архива/Стефанос)

    Целокупен оперски ансамбл од Македонија, солисти, хор и оркестар, под диригентство на маестро Андреј Наунов, во изведе три оперски претстави во Грција, а Камерниот оперски оркестар од Македонија и Атинската филхармонија заедно свиреа на Гала концертот за 100-годишнината од раѓањето на најголемата оперска дива Марија Калас.

    Македонската оперска екипа на 16, 18, 20 и 22 јули ја изведе операта „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети во Ермополи на островот Сирос, на архипелагот Киклади. Таму 18 години по ред се одржува реномираниот меѓународен Фестивалот на Егејот.

    Македонската оперска екипа на 16, 18, 20 и 22 јули ја изведе операта „Лучија од Ламермур“ во Ермополи на островот Сирос. (Фото: Приватна архива)

    „Овој фестивал име веќе високо изградено реноме, со настапи на реномирани уметници, ансамбли од целиот свет, настапувајќи во многу богатиот репертоар изведен на фестивалот, од оперски претсtави, симфониски концерти, кантати, ораториуми, до камерни концерти на хорски и инструментални ансамбли, како и на солистички концерти. Оваа година на фестивалот беа застапени најмногу македонски уметници“, вели Наунов за САКАМДАКАЖАМ.МК, додавајќи дека настапиле во театарот Аполон, познат како „Мала Скала“.

    Тие настапиле по иницијатива на генералниот и уметнички директор Еилана Лапалаинен, а во соработка со Наунов и Васко Здравков, кој бил прв гостин од Македонија на фестивалот во 2014.

    Во насловната улога настапи Наде Талевска, во улогата на Енрико Васко Здравков, во улогата на Едгардо Никола Стојчески, како Раимондо Борко Биџоски, во улогата на Грофот Артуро Влатко Груевски, во улогата на Нормано Јане Дунимаглоски, и како Алиса настапила Марија Наумовска.

    Гала-концертот за Калас се одржа на плоштадот во Ермополи, со програма од железниот репертоар на Калас. (Фото: Стефанос)

    „Оркестарот свиреше една реоркестрација, која ја направив јас, која, како што кажа критиката, ‘звучеше на завидно ниво’, а хорот беше во скратен состав поради просторот на сцената. Сите четири претстави беа проследени со громогласни аплаузи и овации, а како што се изрази  светскиот музиколог Андреј Моравшик од Америка, ‘Лучија од Ламермур’ доживеа вистинско оживување во Аполон театарот во Сирос“, ни рече Наунов.

    Гала концертот за Калас се одржа на плоштадот во Ермополи. Изведена е програма од железниот репертоар на Калас, а како солисти покрај странските, од САД, Мексико, Европа, настапиле и македонските Наде Талевска, Хелена Суша, Васко Здравков, Никола Стојчески.

    „Мостот на културата ги поврза Македонија и Грција со настапот на Камерниот оперски оркестар од Македонија и Атинската Филхармонија, кои се споија во една прекрасна професионална атмосфера, за првпат во историјата, градејќи го мостот помеѓу овие две држави, одбележувајќи ја 100-годишнината од раѓањето на најголемата Калас, свирејќи во еден дух, со една иста идеологија дека музиката, и културата воопшто ги поврзува народите“, ни рече Наунов.

    Концертот го диригираа Питер Тиборис, светски познат диригент и основач на фестивалот,  Волфган Клуге од Германија и Андреј Наунов.

    „Мостот на културата ги поврза Македонија и Грција со настапот на Камерниот оперски оркестар од Македонија и Атинската Филхармонија“, вели диригентот Андреј Наунов. (Фото: Приватна архива)

    „Иако публиката знаеше дека на концертот повеќе од половина учесници на прекрасната сцена беа од Македонија, не ги штедеа дланките за громогласни аплаузи и стоечки овации, барајќи ги уметниците на неколку биса. Чувството да бидеш дел од еден таков спектакл, во срцето на Егејот, чествувајќи го раѓањето на најголемото оперско име Марија Калас е чувство кое може само да се доживее. Гледајќи ги реакциите на публиката и после претставите на ‘Лучија од Ламермур’ и на Гала-концертот во чест на Марија Калас, можам да потврдам дека само моќта на уметноста може да изгради мост меѓу народите“, истакнува Наунов.

    „Гледајќи ги реакциите на публиката и после претставите на ‘Лучија од Ламермур’ и на Гала концертот во чест на Марија Калас, можам да потврдам дека само моќта на уметноста може да изгради мост меѓу народите“, вели Наунов. (Фото: Приватна архива)

    Македонскиот диригент беше дел и од Гала оперски концерт на Грчкото Оперско Студио, кој се одржа на 25 jули на сцената на Аполон театарот, на кој настапија повеќе солисти од разни земји, вклучувајќи ги и македонските  Хелена Суша, Тихомир Јакимовски и Виктор Битовски. Исто така, во склоп на фестивалот е изведена и оперската претстава на Џакомо Пучини „Џани Скики”, во која исто така учествуваа  неколку солисти од Македонија. Во улогата на Лаурета беше Хелена Суша, како Ринучо настапи Јане Дунимаглоски, во улогите Бетто и Спинелочо беше Тихомир Јакимовски, како Симоне се претстави Борко Биџоски, како Жерардино  Марија Георгиевска, а Виктор Битовски настапи во улогата на Гучо. Другите улоги ги толкуваа солисти од Романија, Америка, Чешка и Србија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира