АРТЕФАКТИ ОД ВРБЈАНСКА ЧУКА, ШУПЛЕВЕЦ И МИЛЦИ ИЗЛОЖЕНИ ВО КАНАДСКИОТ МУЗЕЈ НА ИСТОРИЈАТА ВО ОТАВА

    АРТЕФАКТИ ОД ВРБЈАНСКА ЧУКА, ШУПЛЕВЕЦ И МИЛЦИ ИЗЛОЖЕНИ ВО КАНАДСКИОТ МУЗЕЈ НА ИСТОРИЈАТА ВО ОТАВАОд отворањето на изложбата „Првите благородници во Европа“ во Канадскиот музеј на историјата во Гатино, Отава. (Фото: Г. Наумов)

    Артефакти од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци се дел од изложбата „Првите благородници во Европа“ која неодамна се отвори во Канадскиот музеј на историјата во Гатино, Отава.

    Според националниот координатор на изложбата Гоце Наумов, поставката содржи 700 наоди од Балканот, а целта е да се претстави клучната улога на овој регион во долгата и комплексна трансформација од најраните земјоделски заедници до првите европски кралства.

    Оваа изложба е дел од проектот „Првите кралеви на Европа“ иницирана од Филдовиот музеј во Чикаго, во соработка со 27 музеи од 11 балкански земји. Во неа како македонски претставници учествуваат Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Музеј – Гевгелија, координирани од археологот Наумов.

    „Изложбата воедно претставува и првото презентирање на македонското културно наследство во Канада, што секако е можност за канадските граѓани, но и за македонската дијаспора, да се запознаат со функцијата и значењата на некои од најекслузивните предисториски предмети во Македонија. Имајќи го предвид реномето и високите стандарди на Канадскиот музеј на историјата, оваа изложба е изведена со извонреден дизајн кој ги вклучува посетителите во автентичниот амбиент на секој од предисториски периоди (неолит, енеолит, бронзено и железно време). Ќе биде отворена до јануари 2025  и се очекува да ја видат повеќе стотици илјади посетители“, вели Наумов.

    Изложбената турнеја на „Првите кралеви во Европа“ почна во 2022 во Институтот за проучување на старите култури во Њујорк, а потоа во 2023 беше десет месеци поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира