БАЛЕТОТ „ПЕПЕЛАШКА“ Е ВО ДУХОТ НА „БРИЛИЈАНТИН“, ВЕЛИ КОРЕОГРАФОТ ИЛИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО НОБ

    БАЛЕТОТ „ПЕПЕЛАШКА“ Е ВО ДУХОТ НА „БРИЛИЈАНТИН“, ВЕЛИ КОРЕОГРАФОТ ИЛИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО НОБСценографот Коруновски, уметничката директорка на Балетот, Панго, генералниот директор на НОБ, Кстов, кореографот Илиќ и костимографката Радошевиќ-Галиќ на прес-конференцијата. (Фото: СДК.МК)

    Балетот „Пепелашка“ не е Дизниевска верзија, туку современа претстава која е во тек со младите генерации, вели српскиот кореограф Александар Илиќ пред премиерата во Националната опера и балет (НОБ) закажана за 19 ноември. Илиќ, кој е прв солист на Балетот на Народно позориште во Белград, кореограф, професор и основач на Институтот за уметничка игра, како и директор на Културниот центар во Белград, го постави балетот од Сергеј Прокофјев како современ балет во три слики.

    „Важно е да поставуваат класици кои се неизоставен дел од нашето растење. Кога почнав да размислувам за современа поставка на ‘Пепелашка’, важно ми беше да се задржи оригиналното либрето, но и да се следи современоста. Да направиме претстава која може може да комуницира низ современ кореографски јазик“, рече Илиќ на денешната прес-конференција.

    Играат Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Саша Евтимова, Марија Јосифовска-Ристовска, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски и Гала Кочевска, како и балетскиот ансамбл.

    Костимите се на Катарина Радошевиќ-Галиќ (Хрватска), сценографијата на Филип Коруновски, адаптацијата на музиката на Георг Драушник од Хрватска, а асистенти на кореографот се Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија).

    Илиќ кажа дека оваа „Пепелашка“ е сместена во 1970-те, во време на премиерата на познатиот филм „Брилијантин“, и дека не е претстава за деца, туку од седум години па нагоре.

    „На крајот не отстапив од оригиналниот синопсис, од музиката на Прокофјев и сето она што се главни карактеристики на оваа бајка, а тоа е љубовта, и дека добрината ќе го спаси светот.И живееја среќно до крајот на животот, баш, баш среќно, бидејќи како што вели и самиот поднаслов на претставата ‘Љубовта е во воздухот’ (Love is in the air)“.

    Директорот на НОБ, Васко Ристов и уметничката директорка на Балетот, Олга Панго кажаа дека премиерата е распродадена, а при крај се и билетите за репризата на 25 ноември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира