БЕНИ ШАЌИРИ Е НОВ ДИРЕКТОР НА МКЦ

    БЕНИ ШАЌИРИ Е НОВ ДИРЕКТОР НА МКЦБени Шаќири на локалните избори во 2021 беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. (Фото: СДК.МК)

    Музичарот Бени Шаќири е назначен за директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), потврди градоначалничката Данела Арсовска за САКАМДАКАЖАМ.МК. Шаќири утрово веќе дошол во МКЦ.

    Покрај Шаќири, кандидатури поднесоа и продуцентот и филмски работник Никола Мадиќ, кој е сопруг на заменичката-министер за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

    Шаќири доаѓа на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев. Тогаш од Програмскиот совет на МКЦ рекоа дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ рекоа дека тогашниот генерален секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.

    Според процедурата на конкурсот, Управниот одбор на МКЦ ги достави апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, со тоа што предлага кандидати кои според критериумите се соодветни за позицијата за која аплицираат. Условите, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5-годишно работно искуство во областа на културата.

    Првиот конкурс за избор на директорската позиција распишан кон крајот на септември лани немаше никаква разврска, ниту беше поништен од Градот Скопје, а потоа во ноември се распиша повторен конкурс за истата функција.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира