„Моја Биле, кога дојде во Драмски театар, јас те пречекав на оваа сцена, во ‘Заводникот од западниот свет’ бевме партнери, главни, и сега Биле, јас те испраќам од оваа сцена. Не е фер, затоа што требаше уште многу да одработиме, јас и ти и твојата весела дружина. Билјана, ти никогаш нема да бидеш во минато време, секогаш ќе бидеш овде присутна. Оние што добро те познаваат, знаат дека си човек со огромно срце душа и за себе и за сите нас. Несебично ни помагаше. Ти не глумеше на сцена, ти живееше на сцена. Бескрајно талентирана, ѕвер од актер и ангел од човек. Многу те сакаме“, низ солзи говореше актерот Дејан Лилиќ на денешната комеморација во Драмски театар, за актерката Билјана Беличанец која почина на 46 години во саботата.
Нејзиното семејство, актери од сите генерации и од повеќе театари во Македонија, уметници, пејачи, директори со многу емоции ја следеа комеморацијата за Беличанец, која почна со настап на хорот на Запро Запров каде таа пеела 10 години и со колаж од фотографии од нејзините улоги, во придружба на песна од Џенис Џоплин.
„Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови, кои нѐ гледаат во секој момент додека сме на сцена. Тие ни ја дваат енрегијата кога ни е најпотребно. Аурата на Драмски се збогати, за жал, со уште еден нежен и преубав дух, кој ќе биде присутен. Тука е духот на татко ми Стево, на Ненад, Ацо, Нада, Бранко, Ванчо, Снежана, Дади и Горан. Овде се некаде и го слават твоето доаѓање во бесмртните. А што да правиме ние? Нè остави збунети и во бескрајна болка. Нè остави да замислуваме што уште можеше да направиш на сцена. Сцената беше твојот живот, ова не е фраза, ти едноставно така беше. На оваа сцена ти беше мојата Кинегонда, мојата Сара, мојата Цвета, мојата Ширин, мојата Сузана, мојата Билјана Беличанец. Лука и Мона да се гордетее со мајка ви, затоа што имате силна причина“, плачејќи зборуваше актерот Драган Спасов-Дац.
Последната претстава Беличанец ја одиграла на 8 март годинава, како Ема во претставата „Љубовници“ во режија на Катерина Коцевска.
„Последната претстава требаше да ја одиграш во 2069. Ова не е природно. Збогум моја Ема, збогум моја Биле“, рече Коцевска. За кариерата на Беличанец, со сеќавања и емоции говореа директорот на Народниот театар од Прилеп, Стојан Дамчески и актерката Снежана Конеска-Руси.
Скопската Општина Кисела Вода, чија градоначалничка Беличанец беше од 2013 до 2017, вчера одржа комеморација во новоизградениот Дом на културата.
Погребот се одржа денеска на градските гробишта Бутел во Скопје.
Билјана Беличанец беше пронајдена мртва во нејзиниот стан ноќта на 6 април. Според официјалните информации од увидот на МВР, си го одзела животот со бесење, а по наредба на јавен обвинител телото беше предадено на обдукција во Судска медицина. Официјалниот извештај за смртта на Беличанец треба да го соопшти Скопското јавно обвинителство.
Б. НЕСТОРОСКА