СО „БИКИНИ МУН“ МАНЧЕВСКИ СЕ ВРАТИ ВО ШАНГАЈ

    СО „БИКИНИ МУН“ МАНЧЕВСКИ СЕ ВРАТИ ВО ШАНГАЈМилчо Манчевски викендот беше на азиската премиера на „Бикини Мун“ на фестивалот во Шангај (Фото: Банана филм)

    „Бикини Мун“, последниот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, викендот имаше азиска премиера на Филмскиот фестивал во Шангај, Кина, еден од најголемите фестивали во Азија. Премиерата на петтиот филм на Манчевски беше во селекцијата Ново од авторите. Режисерот Манчевски беше присутен во Шангај за премиерата по која имаше разговор со публиката, соопшти „Банана филм“. Како специјален гостин, тој на затварањето на фестивалот учествуваше во врачувањето на наградата за најдобро филмско деби.

    „Бикини Мун“ пред публиката го претстави менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун, кој како критичар прв пишувал за филмовите на Манчевски уште од „Пред дождот“.

    „Многу сум задоволен од приемот на публиката во Шангај, имавме одличен муабет, ‘Бикини Мун’ ги допре на многу длабок начин и добив интересни прашања“, вели Манчевски.

    По повод премиерата на „Бикини Мун“ кинеската телевизија сними и емисија за Манчевски.

    Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот“ студентите учат за филмска структура.

    Лани Манчевски доби големи почести и медиумско внимание на гостувањето во Шангај, при првото сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика, покана неповрзана со македонското Министерство за култура. На ланското јубилејно 20. издание на фестивалот во Шангај имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина.

    „Пред дождот“ беше прв македонски филм прикажан во Кина и наиде на голем успех. Овој филм има култен статус во Кина, особено во академската средина каде се изучува како пример на наративната структура. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава ПРЕД ДОЖДОТ „како библија во филмската нарација во три чина“.

    „Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски е снимен во Њујорк. Македонската премиера беше во Скопје на 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – и кај публиката и кај критиката, а потоа продолжи да игра низ кината во Македонија.

    Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Сарасота и други.

    Критиката во САД, Бразил, Португалија, Бугарија, Србија и Македонија го нарекува филмот: „Брилијантен авторски филм“, „Фасцинатна приказна“, „Целосно свежо и оригинално дело на маестрален режисер“, „Милчо, провокативен како и секогаш, го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество“, „Филмот на Милчо Манчевски прашува колку е јавноста манипулирана од медиумите“, „Жестока глума на Кондола Рашад“, „Повеќеслоен лажен документарец кој ги истакнува мааните на либерализмот на милениумската генерација“, „ Бескомпромисното критички настроено авторство.“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Ова е филмот кој ‘Обликот на водата’ сакаше да биде, ама не знаеше како“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира