БИТОЛСКАТА ПРЕТСТАВА „И КОЊИТЕ ГИ УБИВААТ, ЗАР НЕ?“ ПОБЕДИ НА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ВОЈДАН ЧЕРДНОДРИНСКИ“

    БИТОЛСКАТА ПРЕТСТАВА „И КОЊИТЕ ГИ УБИВААТ, ЗАР НЕ?“ ПОБЕДИ НА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ВОЈДАН ЧЕРДНОДРИНСКИ“Претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“ е најдобра претстава во целина. (Фото: Битолски театар)

    Претставата на Народниот театар од Битола, „И коњите ги убиваат, зар не?“ победи на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп,  а Мартин Кочовски ја доби наградата за најдобра режија на оваа претстава, објави државната агенција МИА.

    Жирито, во состав Ѕвездана Ангеловска, Бајруш Мјаку и Александар Милосављевиќ од Србија, одлучи да ја награди и претставата „Мојот маж“ на Драмски театар од Скопје за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и на актерите.

    Актерот Јордан Симонов е добитник на наградата за најдобра машка главна улога за улогата на Филип во претставата „Мој термин“ на Македонскиот народен театар (МНТ), а Наталија Теодосиева за најдобра главна женска улога за неколку ликови во претставата „Мојот маж“.

    За најдобра машка епизодна улога, наградата „Димче Трајковски“ му е доделена на Горан Стојаноски за улогата на Силвестер во претставата „Крик за љубов“ на Охридскиот театар, а актерката Гентијана Рамадани за најдобра епизодна женска улога за улогата на Ина во претставата „Мурлин Мурло“ на Албанскиот театар.

    Сабина Мемиши е добитник на наградата за млада актерка за улогата на Олга во претставата „Мурлин Мурло“, а наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Исидор Јованоски за улогата на Оливер Глембај во претставата „Глембаеви“ на Прилепскиот театар.

    Наградата за најдобра сценска драматизација им се доделува на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска во претставата „Мојот маж“ на Драмски театар. Најдобра е сценографијата на Ивана Кнез за претставата „Глембаеви“ на Прилепскиот театар, а костимите на Роза Трајчевска–Ристоска се најдобри за претставата на Драмски „Мојот маж“.

    Фестивалското жири наградата за кореографија и сценски движења му ја додели на Игор Киров за претставата „Едип коментари“ на Штипскиот театар, а групата „Фолтин“ ја доби наградата за најдобра музика за претставата на битолскиот театар „И коњите ги убиваат, зар не?“.

    На годинашниов фестивал најдобар рекламен материјал направи Борче Димитријоски за претставата „Едвард раце ножици“ на Театарот за деца и младинци.

    Наградите ќе бидат доделени вечерва во Прилепскиот театар, на затворањето на фестивалот. Во чест на наградените, првенците на Драмски театар ќе го изведат омажот „Драмски за Конески“ за великанот на македонскиот јазик, литература и култура Блаже Конески.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира