Санта Барбара не е провинциско место, зашто таму живеат најголемите ѕвезди на земјата, како Леди Гага, одговори директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев на новинарско прашање за тоа кој е интересот на Македонија да троши државни пари, за театарот по вторпат да гостува во провинциско гратче како Санта Барбара во САД. Прашањето беше поставено на денешната прес-конференција, на која беше најавено гостувањето со претставата “Антоние и Клеопатра” во САД , на кое тргнуваат вечерва.
„Ако мислиш дека е провинциско гратче местото каде што живеат најголемите ѕвезди на планетата Земја, како што се Леди Гага, Џорџ Клуни, јас не мислам така, тоа е твое мислење. Мислам дека ти е непријатно прашањето“, рече Светозарев.
Уметничкиот директор Благој Мицевски додаде дека и Битола е провинција и на провинцијална основа се здружуваат со Санта Барбара.
Изведбата на претставата ќе биде на отворено.
Санта Барбара е гратче од околу 90.000 жители на јужнот брег на Калифорнија и е популарно туристичко место. Има театар со 2.000 седишта каде се одржува и меѓународниот филмски фестивал, а има и амфитеатар со 4,500 седишта за концерти и претстави на отворено. Градот е збратимен со приморскиот Котор во Црна Гора.
На прес-конференцијата денеска присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која рече дека секое претставување на македонската култура надвор треба да го сметаме за успех.
Годинава, државата за меѓународните гостувања на Битолскиот театар ги плати со 2, 8 милиони денари.