Брод на кој загинаа стотици мигранти покрај брегот на Либија во 2015 година е изложен на Биеналето во Венеција, како дел од новата уметничка инсталација на швајцарско-исландскиот уметник Криштоф Бихел.
Бихел одби да даде интервју во пресрет на откривањето на неговото дело во понеделникот, поставено во Арсенале, поранешното бродоградилиште и пристаниште на Венециската Република, а во соопштението за медиумите, „Барка ностра“ (Наш брод) е опишано како „остаток од човечка трагедија“.
„Бродот е споменик за современата миграција, преминувањето на реални и симболични граници и за (не)можноста на слободно движење на информации и луѓе. Тој ја нагласува нашата заедничка одговорност од колективните политики кои создаваат вакви остатоци“, се вели во соопштението.
Во една од најшокантните трагедии во Средоземното Море, која се случи на 18 април 2015, меѓу 700 и 1.100 мигранти загинаа, кога потона рибарскиот брод со кој тие се обидувале да стигнат до италијанскиот остров Лампедуза. Бродот беше извлечен од италијанските власти во јуни 2016 и превезен во база на НАТО на Сицилија.