ЧЕЛЗИ ЦЕНТАРОТ НА МОЈСОВ ПОБЕДИ НА БИЕНАЛЕТО НА АРХИТЕКТИ

    ЧЕЛЗИ ЦЕНТАРОТ НА МОЈСОВ ПОБЕДИ НА БИЕНАЛЕТО НА АРХИТЕКТИЖирито едногласно одлучи „Челзи бизнис центарот“ на Ѓорѓи Мојсов да ја добие главната награда бидејќи објектот ја претставува новата генерација на канцелариски згради чија динамична, неконформистичка, транспарентна архитектура пулсира во ритамот на улицата и станува дел од неа (Фото: К. Попов)

    Младиот архитект Ѓорѓи Мојсов за „Челзи бизнис центар“ изграден во центарот на Скопје во 2017 ја освои главната награда на 19. Биенале на Македонска архитектура БИМАС 2018 за реализиран објект.  Жирито едногласно одлучи наградата да ја добие Мојсов, а како што кажа претседателката Билјана Филиповска, овој објект ја претставува новата генерација на канцелариски згради чија динамична, неконформистичка, транспарентна архитектура пулсира во ритамот на улицата и станува дел од неа.

    Со доделување на наградите и благодарници синоќа во Музејот на Град Скопје се затвори 19. БИМАС.

    Претседателот на Аоцијацијата на архитекти на Македонија Мартин Пановски му ја додели големата награда на Биеналето на архитектот Ѓорѓи Мојсов  (Фото: К. Попов)

    Во категоријата архитектонски проекти награден е проектот за станбена куќа Стаматоски на архитектките Невенка Манчева Аџиевска и Марија Антиќ Николова, како успешен пример на градска вила сместена во зоната на индивидуално домување во населбата Тафталиџе.

    За најдобар ентериер и дизајн беше избрана градинката „Грин хаус“ на архитектката Маргарита Поповска. Просториите, според жирито, имаат потенцијал за секојдневни трансформации, мебелот е едноставен, природен со говор на детскиот јазик.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК кажам доби благодарница за придонес во реализацијата на 19. Биенале на Македонската архитектура – новинарката Ана Антевска ја прима благодарницата – (Фото: К. Попов)

    „На ова Биенале имаше скромен број презентирани проекти во сите категории,  околу осумдесетина. Имајќи ја во предвид амбицијата на оваа манифестација да ја презентира двегодишната ахритектонска продукција, истовремено и да ја документира неставајќи го во преден план нејзиниот натпреварувачки карактер, ова го сметаме за многу мал број. Комисјата смета дека во иднина Асоцијацијата на архитекти на Македонија и селекторот на БИМАС треба посериозно да ги поттикнуваат авторите за побројно учество“, рече Филиповска.

    БИМАС 2018 траеше две недели. Во рамките на Биеналето имаше изложба на илустрации на Зоран Кардула, изложба на фотографии на Даниел Ѓурчиновски, мала школа за архитектура како и Баукултур разговори за Проект Скопје и за градење култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира