ЧИФТЕ АМАМ НЕМА ВЛАГА И Е КОМПЛЕТНО РЕНОВИРАН СО ГРАНТОТ ОД 91.000 ДОЛАРИ ОД АМБАСАДОРСКИОТ ФОНД НА САД

    ЧИФТЕ АМАМ НЕМА ВЛАГА И Е КОМПЛЕТНО РЕНОВИРАН СО ГРАНТОТ ОД 91.000 ДОЛАРИ ОД АМБАСАДОРСКИОТ ФОНД НА САДДвегодишниот проект беше насловен „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“. (Фото: Фејсбук страна на Амбасада на САД)

    Во Чифте амам веќе нема влага и комплетно се реновирани салите за изложување на уметнички дела, вели директорката на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ) Дита Старова-Ќерими. Во овој објект од 15. век заврши реновирањето со грант од 91.000 долари од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културата, кој Националната галерија во 2018 го доби преку Амбасадата на САД во земјава.

    Проектот беше насловен „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“.

    „Проектот траеше две години, целосно е реновиран просторот за изложување на делата, светлосната инсталација, надворешниот дел од фасадата. Голем дел од финансиите беа употребени за архитектонската фаза. Претходно имавме многу влага, не можевме да ги изоложуваме соодветно делата, а сега веќе тоа нема да претставува проблем. Планиравме со еден настан да го финализираме проектот, но спречени сме поради коронавирусот“, ни изјави директорката.

    Комплетно се реновирани салите за изложување на уметнички дела. (Фото: Фејсбук страна на Амбасада на САД)

    Веста за завршувањето на проектот на Фејсбук ја објави и Амбасадата на САД во земјава, каде меѓудругото, наведуваат дека „изразуваат голема благодарност на нивните соработници и на вработените во Националната галерија за нивната исклучителна работа и посветеност“.

    На почетокот на реновирањето во 2018, директорката Старова-Ќерими изјави дека проектот ќе се одвива во повеќе фази со финансиска партиципација на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за 2018 година, во износ од 2 милиони денари и со помош на средства од доделениот грант во висина од 91.000 долари.

    „Чифте амам, објект кој претставува културно наследство под заштита на државата, и кој во невремето во јуни 2017 година беше доведен во исклучителна опасност, целосно ќе биде заштитен. Со поддршката од 1 милион и 665 илјади денари од Министерството за култура, веќе е инсталирано ново галериско осветлување со најнова технологија, економски оправдана, со мала потрошувачка на електрична енергија, технологија која е ‘пријателска’ за изложените артефакти без штетни влијанија“, рече тогаш Старова- Ќерими.

    Голем дел од финансиите биле употребени за архитектонската фаза. (Фото: Фејсбук страна на Амбасада на САД)

    Тогашниот американски ммбасадор Џес Бејли кажа дека овој грант за Чифте амам е продолжување на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, и додаде дека изминативе години преку програмата од Амбасадорскиот фонд се поддржани повеќе објекти и локалитети низ Макеодонија, како Даут пашин амам, црквата „Св. Спас“ и археолошкиот локалитет Стоби.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира