ДЕБИТО „17“ НА КОСАРА МИТИЌ ДОБИ НАГРАДА ОД 30.000 ЕВРА ЗА ПОСТПРОДУКЦИСКИ УСЛУГИ НА ИНДУСТРИСКАТА ПРОГРАМА СИНЕЛИНК НА САРАЕВСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    ДЕБИТО „17“ НА КОСАРА МИТИЌ ДОБИ НАГРАДА ОД 30.000 ЕВРА ЗА ПОСТПРОДУКЦИСКИ УСЛУГИ НА ИНДУСТРИСКАТА ПРОГРАМА СИНЕЛИНК НА САРАЕВСКИОТ ФЕСТИВАЛРежисерката Митиќ (десно) и кинематограферот Наум Доксевски на првата клапа на „17“ на 25 апрл 2024. (Фото: СДК.МК)

    Дебитантскиот филм „17“ на Косара Митиќ ја доби наградата на „Авантпост медиа“ на индустриската програма Синелинк – Работа во тек (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал што завршува денеска. Филмот, кој е во фаза на постпродукција, доби услуги во вредност од 30.000 евра во романското постпродукциско студио „Авантпост медиа“ од Букурешт кое е партнер на програмата Синелинк.

    „17“ на Митиќ беше меѓу 11 проекти во фаза на постпродукција од Југоисточна Европа и регионот на Блиски Исток и Северна Африка (МЕНА), од кои осум играни и три документарни филма, избрани за индустриската програма Синелинк – Работа во тек, за да бидат презентирани на поканети меѓународни продажни агенти, врвни селектори на фестивали, дистрибутери, претставници на јавни фондови и постпродукциски куќи за време на Сараевски фестивал.

    „17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021.

    По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, филмот се снимаше пролетта 2024.

    Вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановци и замина на апсолвентска екскурзија во странство, е инспирација за „17“.

    „Филмот ’17’ е фокусиран на средношколците и тинејџерите, кои се критична и ранлива демографија. Во свет заситен со социјални медиуми, каде што владеат вредности кои шокираат, ’17’ ги предизвикува гледачите да се соочат со непријатните вистини за адолесценцијата и потрагата по потврда во дигиталниот пејзаж кој постојано се менува, притоа, оставајќи ги изложени повеќе од било кога досега на притисоците од средината и потребата за истражување на нивната сексуалност“, изјави Митиќ на почетокот на снимањето во Скопје.

    Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

    Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.

    Митиќ досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира