Отворена е изложбата „Континуитети” со дела од француски автори во колекцијата на Музејот на современата уметност (МСУ), а куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Со изложбата сe одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Франција и Македонија, како и 60 години од скопскиот земјотрес.
Кураторите велат дека оваа изложба е исклучително ретка можност да се погледне избор од слики, скулптури и графики кои се создавани во периодот од 1933 до 2001 и кои претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата на повеќе генерации уметници кои живееле и создавале во Франција. Во колекцијата на МСУ се чуваат 5.291 дело, меѓу кои 300 дела од над 150 уметници од Франција.
Според белешките на првиот директор на МСУ, Борис Петковски, по катастрофалниот земјотрес во 1963 меѓу првите реагирал францускиот писател и критичар Жан Касу. Тој преку писмена кореспонденција анимирал значителен број уметници, кои подариле свои дела на Скопје. Студискиот престој во Париз во 1964/65 му овозможил на Петковски директни контакти со уметниците, што резултирало со голема збирка подароци, која дополнително била проширувана.
Во 1966 првпат се промовираше француската колекција преку изложба на подарени дела. Оттогаш е прикажана е уште неколкупати.
Историјатот на оваа колекција е заокружен од Силвен Лекомбр во 2015, со издавање публикација, во која таа се обработува од повеќе аспекти.
„Може да се каже дека уметниците-дарители се носители на еден творечки континуитет во текот на целиот 20. век, во насока да се задржи и продолжи приматот на Париз како еден од најважните центри на уметноста. Привлекувајќи го вниманието на уметниците од различни делови на Европа и светот, во Париз во тој период живееле и твореле Пабло Пикасо, Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Вилфредо Лам, Хисао Домото, Зао Ву Ки и многу други, па оттука, и француската колекција во МСУ го има овој карактеристичен интернационален и мултикултурен дух кој ја обележува уметноста на 20. век”, вели МСУ.
Изложени се делата на Хисао Домото, Фернан Леже, Пјер Сулаж, Зао Ву Ки, Едуард Пињон, Андре Масон, Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Асадур, Ана-Ева Бергман, Вилфредо Лам, Зора Стак, Брам Ван Велде, Хуан Рабаскал, Семјуел Бури, Бернар Бифе, Барбара Квасниевска, Зоран Мушич, Марта Пан, Етјен Ажди, Софи Лекомт…