ДЕНЕВ И БИНОШ БЛЕСНАА НА ОТВОРАЊЕТО НА 76. ВЕНЕЦИСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, КОЈ СЕ ПОДЕЛИ ОКОЛУ ВКЛУЧУВАЊЕТО НА РОМАН ПОЛАНСКИ ВО ПРОГРАМАТА

    ДЕНЕВ И БИНОШ БЛЕСНАА НА ОТВОРАЊЕТО НА 76. ВЕНЕЦИСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, КОЈ СЕ ПОДЕЛИ ОКОЛУ ВКЛУЧУВАЊЕТО НА РОМАН ПОЛАНСКИ ВО ПРОГРАМАТАДенев и Бинош играат мајка и ќерка во новиот филм на Јапонецот Коре-еда (Фото: АП)

    Француските филмски диви Катрин Денев и Жилиет Бинош блеснаа на црвениот килим на отворањето на 76. Венециски филмски фестивал, кој почна со „Вистина“, новиот филм на јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда.

    Седумдесет и петгодишната Денев вели дека јазичната бариера со Коре-еда знаела да биде проблем на снимањето, имајќи предвид дека ова е негов прв филм снимен надвор од Јапонија и кој не е на јапонски јазик.

    „Вложив многу од себеси во овој филм. Тоа многу често го правам во мои филмови, инаку би ми било тешко да се поврзам со ликот. Како актерка која игра актерка, тешко е да се каже дали сум блиска со овој лик. Гледав да создадам лик кој не е јас“, изјави Денев.

    Годинашното жири на фестивалот е предводено од аргентинската режисерка Лукреција Мартел (трета од десно) (Фото: АП)

    Таа игра француска филмска ѕвезда која доаѓа во судир со својата ќерка (Бинош) по објавувањето на нејзините мемоари.

    „Беше остварување на сон да се игра со Катрин. Бев многу млада кога се вљубив во неа. Таа е симбол на женственост и да се биде блиску до неа беше како убав сон“, кажа Бинош.

    Венеција почна со филм со силни женски ликови, но фестивалот уште еднаш се најде на удар на обвинувањата за полова нееднаквост, откако само два од 21 филм што се во конкуренција за „Златен лав“ се режирани од жени. Жирито, предводено од аргентинската режисерка Лукреција Мартел, исто така се подели околу вклучувањето на Роман Полански во официјалната селекција.

    „Јас не го одделувам уметникот од неговите постапки како човек. Нема да присуствувам на гала вечерата организирана од Полански бидејќи ги претставувам многуте жени во Аргентина кои се борат против таквото однесување, но мислам дека е во ред што неговиот филм е на фестивалот“, изјави Мартел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира