Дичо Зограф за 30-тина години активен твореќки век има насликано икони како за 200 години, рекоа академик Таки Фити и архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан на синоќешното отворање на изложбата „200 години Дичо Зограф“ во Ликовниот салон на МАНУ.
Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија МАНУ и МПЦ- Охридска архиепсикопија ја реализираа идејата на академик Цветан Грозданов (н. з кој почина лани) со изложба и меѓународен научен собир посветени на еден најпознатите иконописци и фрескосликари на Балканот во 19. век. Изложени се 25 икони од црквите во Мала Река и Дебарско, од Тресонче, Росоки, Селце, предмети од Бигорскиот манастир, како и икони од струшка Малесија, од Селци. Изложбата ќе трае до 25 октомври.
Според претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, Дичо Зограф е своевиден феномен, човек со исклучителна дарба и талент.
„Тој е феномен затоа што самиот сам ги изработувал боите, лаковите, пигментите и растворите за бои. Изработувал икони кои се препознатливи со својата автентичност, оргиналност и со својот раскош. Неговото дел е импозантно затоа што за период од 30 години, насликал повеќе над 2.000 икони и над 10 фрескоансамбли. Тоа е големо дело, и за толку кратко време тоа да се направи, тоа само говори за неговиот талент. Иконите ги правел со леснотија, со голем квалитет, да бидат да бидат автентични и препознатливи“, рече академик Фити.
Долгодишниот познавач и истражувач на творештвото на Зограф, д-р Сашо Цветковски од Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ рече дека Дичо е голем зограф, голем преродбеник и една голема фигура, не само на македонската преродбенска уметност, туку и на балканската преродбенска уметност.
„Сите што учевме Богословија во Драчево, во црквата ‘Св. Спас’ во Драчево ги гледавме иконите на Дичо Зограф на иконостосасот, престолните икони и се восхитувавме на убавата икона, на убавиот лик, на она што, Дичо го оставил како вредност, како пример за прекрасна икона. Кога ќе си замислам црква, ја замислувам црквата со иконостатсот од Драчево. Тој лик на Света Богородица, на Исус Христос и Дичовиот изразен иконолик остана врежан цел живот во генерациите на Богославијата. Нема човек што се загледал во иконите и фреските на Дичо Зограф, а да не се воодушевил, да не го запомнил тоа и да не го засакал“, рече денеска на научниот собир протаѓаконот проф. д-р Ратомир Гроздановски.
Меѓународниот научен собир „200 години Дичо Зограф (1819-2019) ќе заврши утре со посета на Бигорскиот манастир.
Б. НЕСТОРОСКА