ДИРИГЕНТКАТА БИСЕРА ЧАДЛОВСКА Е НОВ УМЕТНИЧКИ ДИРЕКТОР НА ОПЕРАТА

    ДИРИГЕНТКАТА БИСЕРА ЧАДЛОВСКА Е НОВ УМЕТНИЧКИ ДИРЕКТОР НА ОПЕРАТАБисера Чадловска како долгогодишен диригент во МОБ го диригираше речиси целиот репертоар од оперската и балетската литература на националната куќа (Фото: Фејсбук/МОБ)

    Диригентката Бисера Чадловска е нов уметнички директор на Операта во Македонската опера и балет (МОБ). Чадловска доаѓа на местото на композиторот Сони Петровски, кој беше уметнички раководител во мандатот на директорот Игор Дурловски.

    На местото уметнички директор на Балетот останува како и претходно кореографката Олга Панго.

    Чадловска дипломирала во 2001  на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот по оркестарско диригирање во класата на професорот Фимчо Муратовски. Пост-дипломските студии по симфониско и оперско диригирање ги завршила на Државната музичка академија во Софија. По завршувањето на студиите почнала да работи како хор-мајстор во МОБ. По неколку години работа како хор-мајстор и асистент диригент, во 2005 ја добива својата прва премиера „Таен брак” од Доменико Чимароза. Добитник е на наградата „Георги Божиков” за 2015 за континуирана изведба на дела од македонски композитори.

    Новиот директор на МОБ Илија Рајковски во август ја презеде функцијата од Панго, која во јуни беше назначена за в.д. директор, откако еден месец претходно тогашниот директор Игор Дурловски, кој беше еден од организаторите на протестите „За заедничка Македонија” и учесник во нападот на Собранието на 27 април, си даде оставка.

    Рајковски кусо ни рече дека сите информации за новите програми, директори и за новата сезона ќе биде дополнително објавени на прес- конференција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира