Македонскиот дизајнер Зоран Кардула во Рим ја претстави „Изложба без жири“, поставка на 40 негови дела кои се редизајн на симболите кои ја одбележаа социјалистичката ера на поранешна Југославија. Изложбата е дел од настанот насловен Мондо екс, омаж на големиот eвропски интелектуалец Предраг Матвејевиќ, по повод една година од неговата смрт.
„Изложбата е организирана од здружението Липа и е во чест на Предраг Матвејевиќ, денес се навршува година дена од неговата смрт и некако сакаа да го спојат неговото дело ‘Мондо Екс’ со моите редизајни, некако најсоодветно им се најдоа моите илустрации да го отсликаат неговото дело, што ми е посебна чест. Галеријата Курва пура во која е изложбата е во центар на Рим, во индустриската област каде сега се наоѓаат најзначајните алтернативни галерии“, вели Кардула.
Италијанските медиуми го претсавуваат Кардула како еден од најеклектичните македонски графички дизајнери и велат дека „Југопластика, Искра, Тесла, штафетите на Тито се фрагменти од една ера што, иако изгребани и навредени од војни, раскажуваат за радосни и среќни искуства, за големи културни, научни, социјални, индустриски, комерцијални, спортски достигнувања“.
Во Рим изложбата ќе трае до 1 март, потоа ќе патува низ други региони во Италија, а се планира да биде прикажана и во сите поранешни југословенски републики.