ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ТЕЛО“ НА ПЕТРА СЕЛИШКАР ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА САРАЕВСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ТЕЛО“ НА ПЕТРА СЕЛИШКАР ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА САРАЕВСКИОТ ФЕСТИВАЛ„Тело“ опфаќа две декади од необичниот живот на Уршка, блиската пријателка на Селишкар, која се бори со ретки автоимуни болести (Фото: ППФП)

    Долгометражниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката Петра Селишкар ќе има светска премиера во официјалната програма на 29. Сараево филм фестивал. Тој ќе се натпреварува за наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм со уште 20 наслови, селектирани од Рада Шешиќ. Фестивалот ќе се одржува од 11 до 18 август. Во оваа селекција премиера ќе има и уште една македонска копродукција, „Молк на разумот“ на Кумјана Новакова, копродукција со БиХ.

    „Тело“ опфаќа две декади од необичниот живот на Уршка, блиската пријателка на Селишкар, која се бори со ретки автоимуни болести. Некогаш манекенка, а денес професионална пијанистка, Уршка се соочува со огромен број предизвици, но никогаш не го губи својот нескротлив дух. Филмот е спој на интимни разговори, лична архива и креативна визуализација, кој ги истражува мистериите на човечкото тело и моќта на уметноста и пријателството да допре до неговата суштина.

    Петра Селишкар, која е родена во Љубљана, како режисерка и сценаристка ги потпишува документарните филмови „Збогување“, „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“ и „Бабички на револуцијата“, а во повеќе остварувања се јавува како продуцент.

    „Тело“ е копродукција на Словенија, Хрватска и Македонија. Во креативната екипа се кинематограферот Бранд Ферро, монтажерите Сашко Потер Мицевски и Сандра Басташиќ и композиторот на музиката Владимир Ракиќ, кој е и дизајнер на звук заедно со Вера Галешев. Продуцент на филмот е Петра Селишкар со „Петра Пан филм“ (Словенија), копродуценти се Сара Ферро од ППФП (Македонија) и Тамара Бабун од „Волфганг и Доли“ (Хрватска), а придружен продуцент е Виктор Еде од „Синефаж продукција“ (Франција).

    Македонската премиера на „Тело“ се очекува на 14. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира