Првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески „Јанѕа“, по сценарио и режија на документаристот Никола Т. Калајџиски, утре премиерно ќе се прикаже во 20 часот во киното Милениум. Филмот е работен според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, во продукција на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.
Калајџиски вели дека филмот е подготвуван и сниман во период од три години и го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Тој работел со екипа од 25 советници, како академици, научници, професори, меѓу кои проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Министерството за култура, и проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Пектов Мисирков“.
„Ова е филм за сите наши биднини и небиднини, за сите јанѕи и надежи на македонскиот народ“, рече Калајџиски на денешната прес-конференција, а Спасов додаде дека зборот јанѕа, кој Конески многу го користи во творештвото, е метафора која нуди повеќе толкувања како мака, радост, надеж.
„Филмот фрли нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност кои не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот и малку познати сегменти од неговата биографија“, рече Калајџиски.
Монтажата е на Аристид Филактов, композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Директори на фотографија се Дејан Димески и Петар Кочишки.
Филмот е снимен со пари од Агенцијата за филм, а Калајџиски најави дека планираат да го поделат во пет телевизиски епизоди, и да биде наменет за училишна употреба.
Б. НЕСТОРОСКА