ДРАГ ЛАЗЕ, ПЕЈТЕ ЈА ГОРЕ СО МИТЕ, МЕШКО, ВАНЧО И МАРИН „СЀ Е ИСТО ВО МОЈОТ КРАЈ, САМО МЕНЕ ВЕЌЕ МЕ НЕМА“, РЕЧЕ КОЦЕВСКА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА МАНАСКОВСКИ

    ДРАГ ЛАЗЕ, ПЕЈТЕ ЈА ГОРЕ СО МИТЕ, МЕШКО, ВАНЧО И МАРИН „СЀ Е ИСТО ВО МОЈОТ КРАЈ, САМО МЕНЕ ВЕЌЕ МЕ НЕМА“, РЕЧЕ КОЦЕВСКА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА МАНАСКОВСКИМанасковски почина на 20 декември на 67 години. (Фото: К. Попов)

    Лазе Манасковски беше голем другар, колега, актер кој уживаше во спремањето на улогите, рекоа актерите од скопскиот Драмски театар, на денешната комеморација за Манасковски, кој почина на 20 декември на 67 години.

    Актерката Катарина Коцевска рече дека дека со Лазе студирале заедно, биле иста класа, се вработиле ист ден и година во Драмскиот театар. Целиот работен век го поминале во Драмски, играјќи многу претстави заедно, се дружеле и приватно и професионално.

    „Беше многу грижлив и посветен татко и ја сакаше својата Васка. Гледајќи ги фотографиите од нашите заеднички претстави на веста на неговата смрт, една фотографија особено ме потресе. Тоа е од претставата ‘Собирен центар’, местото каде што луѓето одат кога ќе умрат. На таа фотографија е Мите Грозданов, Димитар Мешковски, Ванчо Петрушевски, Марин Бабиќ, Лазе. Пред 12-тина дена ми се јави Лазе. Гласот му беше тежок и ми рече: ‘Кате не сум добро, одам нагоре’. Драг Лазе, испејте ја таму горе песната од ‘Собирен центар’, ‘Сѐ е исто во мојот крај, само мене веќе ме нема’“, рече Коцевска.

    Актерот Драган Спасов-Дац и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој беше и колега на Манасковски. (Фото: К. Попов)

    За Манасковски низ солзи зборуваше и неговиот син, глумецот Симон Манасковски, и рече дека како актер тој многу верувал во дисциплината.

    „Не се доаѓа 15 минути пред почеток на претстава, кога ќе излезеш на сцена, на проба, текстот мора да се знае, така велеше. Мразеше кога пробата доцни или кога се одолговлекува повеќе отколку што треба. Уживаше, уживаше да го чита текстот дома и да ја подготвува дома улогата. Мислам дека тоа му помогна да се фокусира на претставата и да биде продолжена рака на режисерот. Татко ми сакаше искреност, веруваше во конструктивна критика, велеше: само така може да има добра претстава. Кога политиката успеа да се провлече на овие штици што значеа живот, се почувстува предаден. Одеднаш, вистината стана магла, а образот валкан. Лазе Манасковски беше стара школа, театарот пред сѐ. Оптимистички веруваше дека театарот ќе излезе победник. Е така како втор актер, со најмногу одиграни претстави во Драмски, замина во пензија во втора категорија. Стари, денес нема погорд син од мене. Како се молчеше со себеси, како стоеше зад она што го мислиш и зборуваш, и твојот занает во кој уживаа повеќе генерации. Ти благодарам многу, ќе ми недостигаат нашите разговори за театарот и твојот хумор кој не го изгуби до самиот крај. Ни остави спомени и приказни вредни за прераскажување, а сега кога си таму горе, изиграј една табла со Дади, напиј се вино со Ванчо и секако гледај некоја добра претстава“, рече неговиот син Симон.

    Синот на Лазе, Симон Манасковски. (Фото: СДК.МК)

    Роден на 27 март 1958 во Скопје, Манасков дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од 1983 година работеше во скопскиот Драмски театар, каде што остана до пензионирањето во 2022.

    Покрај многубројните улоги на театарската сцена, Манасков оствари плодна кариера и на филм и телевизија. Глумеше во филмовите „Големата вода“, „Сенки“, „Исцелител“, „Врба“, „Хомо“ и „Кајмак“, како и во ТВ-сериите „Трст виа Скопје“, „Тврдокорни“, „Преспав“, „Фамилијата Марковски“, „Бистра вода“ и други.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира