ДРАШКО ЗИДАР ОД ХРВАТСКА Е НАЈДОБАР АКТЕР НА ФЕСТИВАЛОТ „РИСТО ШИШКОВ“ ВО СТРУМИЦА

    ДРАШКО ЗИДАР ОД ХРВАТСКА Е НАЈДОБАР АКТЕР НА ФЕСТИВАЛОТ „РИСТО ШИШКОВ“ ВО СТРУМИЦА„Зидар одигра перфектно, мајсторски и не се срамам да кажам дека навистина е блиску до Шишков, дека го продолжува тој талент што го имаше нашиот актерски гениј“, рече Благоја Чоревски претседател на жирито. - Зидар во сцена од „Аудиенција“(Фото: Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“)

    Хрватскиот актер Драшко Зидар ја доби наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Според жирито тој улогата ја одиграл мајсторски на сцена и успеал да одговори на предизвикот што ја носи претставата „Аудиенција“.

    Станува збор за претстава на текст на Вацлав Хавел, а во режија на Дражен Ференчина во продукција на театарот од Вировитица од Хрватска чие дејствие се игра во пиварница во која двајцата актери силно се борат против системот.

    Претседателот на жирито Благоја Чоревски кажа дека наградата била донесена едногласно, бидејки Зидар со својата игра наликувал на Шишков.
    „Непосредноста на играта, точноста во играта што ја прикажа и да ви кажам дека тој испи околу осум пива на сцената, тоа е тешка задача да пиете и играте, а вистинско пиво е, не како кај нас чаеви. Се шегувам. Навистина Зидар одигра перфектно, мајсторски и не се срамам да кажам дека навистина е блиску до Шишков , дека го продолжува тој талент што го имаше нашиот актерски гениј. Имаше повеќе актери што беа во потесниот круг но жирито едногласно одлучи наградата да му ја додели на Драшко’’, рече Чоревски.

    Зидар не беше присутен на доделувањето на наградата во Струмица која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда од 1.500 евра. За оваа награда во петте фестивалски денови конкурираа 40- тина актери од 9 престтави од земјава, но и од Бугарија и Хрватска.

    На фестивалот, десетта година по ред награди додели и Новата европска театарска акција НЕТА и тоа на повеќе актери и престави како дел од европската театарска мрежа.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира