ДВЕ НАГРАДИ НА САНДЕНС ЗА ДЕБИТАНТСКИОТ ФИЛМ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ

    ДВЕ НАГРАДИ НА САНДЕНС ЗА ДЕБИТАНТСКИОТ ФИЛМ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИФилмот на 24 јануари премиерно беше прикажан на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, во конкуренција за награди на програмата Светски филм. (Фото: Санденс)

    Две награди доби „Диџеј Ахмет“, дебитантски филм на режисерот Георги Унковски, на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута. Филмот ја доби наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија.

    „Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.

    По премиерата на 24 јануари, во холивудските медиуми излегоа позитивни критики, како на пример: “Елегантен и привлечен“, „Инспиративна приказна за созревањето…“ во критиката на „Холивуд рипортер“ .

    Рецензијата насловена „Техно музиката и овчарството се судираат во трогателна приказна за созревањето“, почнува со реченицата : „Замислете си го ‘Безгрижен’ (Footlose) да се случува токму сега во едно мало село во Северна Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран филм деби на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, ‘Диџеј Ахмет’“.

    (Фото: Санденс)

    Позитивна беше  и рецензијата во „Скринанархи“ , каде стои: „Не го потценувајте ‘Диџеј Ахмет’, играното деби на сценаристот и режисер Георги М. Унковски. На површина како тинејџерска романса, филмот им дава ново светло на познатите формули на неочекувани начини. Унковски е паметен режисер, неговиот филм е и диво егзотичен и целосно приземен, врзан за специфична култура, но сепак се занимава со универзално препознатливи проблеми. Тоа е солидно деби“.

    „Диџеј Ахмет“ се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.

    Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.

    Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.

    Унковски после 5 години се враќа на Санденс, најголемиот американски фестивал на независен филм, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Неговиот успешен краток филм „Налепница“ во 2020 исто така имаше премиера на Санденс.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира