ДВЕТЕ АКТЕРСКИ ЛЕГЕНДИ НА БИТОЛСКОТО ГЛУМИШТЕ МИТКО С. АПОСТОЛОВСКИ И ЈУЛИЈАНА СТЕФАНОВА ИСПРАТЕНИ СО ПОЧЕСТИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО БИТОЛСКИ ТЕАТАР

    ДВЕТЕ АКТЕРСКИ ЛЕГЕНДИ НА БИТОЛСКОТО ГЛУМИШТЕ МИТКО С. АПОСТОЛОВСКИ И ЈУЛИЈАНА СТЕФАНОВА ИСПРАТЕНИ СО ПОЧЕСТИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО БИТОЛСКИ ТЕАТАРЗа два месеца, Народниот театар од Битола изгуби двајца актерски великани кои зад себе оставија огромен број брилијантно одиграни претстави, како и ликови на големото филмско платно. (Фото: СДК.МК)

    Со громогласен аплауз кој траеше повеќе од 15 минути, колегите актери и другата публика за последен пат ги поздравија доајените на битолското глумиште Митко С. Апостоловски (1955-2022) и Јулијана Стефанова (1961-2022). За два месеца, Народниот театар од Битола изгуби двајца актерски великани кои зад себе оставија огромен број брилијантно одиграни претстави, како и ликови на големото филмско платно. На комеморацијата која се одржа во Големата сала на Театарот во Битола, од нивната театарска сцена за нивното големо дело зборуваа колегите актери.

    Митко С. Апостоловски, почина на петти август годинава, а тешко е да се набројат сите претстави во кои даде голем печат со својата маркантна актерска умешност и препознатливиот глас. Од „Можеби на покривот има коњ“, „Мајсторот и Маргарита“, „Женидба“, „Казабалкан“,„Последните селани“,„Васа Железнова“, „Црквичето ’40 маченици’“, „Браќа Карамазови“, „Коцкар“ и многу други. Одигра и 30 филмски улсоги, ТВ серии, а беше дел и од серијата „Македонски народни приказни“.

    Актерот Огнен Дранговски за Митко рече дека го прифатил уште како момче кога дошол да глуми во Народниот театар во Битола.

    „’Сине што правиш, седни’, ми рече и почнавме да разговараме, до 5 август годинава не го завршивме муабетот. Од тој момент пред 16 години кога го почнавме разговорот до моментот кога си замина уште разговараме и нема ден да не го цитирам. Велеше, ќе ве поддржам во претставите зашто со уметност и работа создадовте ремек-дело. Јас се хранам од колегите, од нивната искрена и посветена игра, тоа ме инспирира. Таков човек беше Митко, голем и светол, силен“, рече Дранговски.

    Јулијана Стефановска почина на 3 октомври годинава, а цел работен век му го посвети на Народниот театар од Битола. На комеморацијата беше кажано дека таа беше актерска дива, беспрекорен комичар. Беше доволно само да се појави на сцената и веднаш предизвикуваше насмевка на лицето кај публиката. Брилијанта актерка родена за сцена, целосно предадена на улогите што ги играше, со извонредна смисла за хумор и моќ со голема леснотија да ги изгради најтешките улоги. Публиката ќе ја памети по ликовите во „Летни Силјане“, „Мајсторот и Маргарита“, „Медеја“, „Казабалкан“, „Васа Железнова“, „Љубов и пијано“, „Болва в уво“, „Минхаузен“, „Аудиција“ и други.

    „Ти се обраќам со сестро, зашто не знам дали некој имал ваква другарка 40 години со која делел буквално сè. Живеевме цимерски, студиравме заедно, на ист ден дипломиравме и се вработивме. Заедно настапувавме во многу претстави, толку добро се познававме, што доволно беше само да се погледнеме и да почниме да се смееме. А твојата тага никој не ја знаеше, но успеа да ја претвориш во феноменална улога во ‘Паметењето на водата’ зашто ти не беше само комичарка, најдобрата што ја познавам во пола век театар. Ти можеше Јуце сè, за една реплика цели аплаузи на отворена сцена“, беше прочитано од писмото на актерот Петар Горко.

    За Митко и Јулка, како што ја нарекуваа колегите, обраќања имаа и актерите Никола Пројчевски и Соња Михајлова.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира