Се радувам што ќе учам во класaта на профeсорката Ана Виницкаја, што ќе можам да се посветам на музиката, на пијаното, на уметноста во градот Хамбург, градот во кој живееле и кој бил инспирација на многу композитори, вели 18-годишниот пијанист Арда Мустафаоглу од Скопје. Тој е примен на Факултетот за музика и театар на Универзитетот во Хамбург, прворангиран е во голема конкуренција на еден од 50. највисоко рангирани светски универзитети од областа на уметностите.
Мустафаоглу досега имаше голем број настапи и признанија, но конкретно патот до Хамбурg почнува со професорката Милица Шкариќ. Таа после натпреварот „Имаш ли жичка за музика“ каде била претседателка на жирито, го поканила да го подготвува за Факултетот за музичка уметност и театар во Хамбург.
„Тој натпревар беше многу специфичен. Се натпреваруваа одлични млади музичари од цела Македонија. Најдобрите 8 свиреа во финалето кое се одржа во Камерната сала на Филхармонијата. Во таа сала, која е една од најдобрите на Балканот, можеше точно да се чуе и види потенцијалот на финалистите како концертни уметници. Арда уште тогаш многу добро владееше со сцената, акустички можеше да го проектира звукот на пијаното до последниот ред во салата (токму таму намерно седеше жирито), да го задржи вниманието на публиката и да ја воодушеви со својот настап. Тој во својата писмена пријава за натпреварот ги имаше јасно наведено своите планови за неговата иднина. Откако заврши натпреварот решив да разговарам со него и неговите родители и да ги насочам на друга музичка средина и погледи за неговата иднина. Во класичната музика најважните одлуки се носат на возраст од 16 до 18 години. Ако тогаш не се избере правилно, тоа подоцна носи долгорочни последици. Познавајќи многу музички средини во кои јас имав престојувано, знаев дека најдобро место за развојот на музичкиот и пијанистичкиот талент на Арда ќе биде Факултетот за музичка уметност во Хамбург и тоа во класата на проф. Ана Виницкаја. Оттогаш почна една прекрасна музичка соработка меѓу мене и Арда, која се круниса со негово примање на факултетот во Хамбург како прворангиран меѓу пијанистите“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК професорката Шкариќ.
Мустафаоглу ни рече дека растел со музиката, основите во пијанизмот ги стекнал од мајка му, но од суштинско значење биле учествата на бројните мастеркласи и специјализации во Франција, Германија и Италија, каде што учел од истакнати пијанисти. Освои бројни први места и награди на меѓународни пијанистички натпревари во Италија, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Белгија, Турција, Германија, Франција и во земјава.
„Мојата музичка наобразба не ќе беше целосна без знаењата кои ги добив од мојата професорка Павлина Нечевска-Јосифова која всушност и ме внесе во музичкиот свет“, вели тој.
Професоката Шкариќ има дипломирано во класата на легендарниот Евгениј Корољов, чиј студент била и Виницкаја, каде ќе оди сега Арда. Таа вели дека сите кои биле во класата на Корољов, имале една исклучително ретка среќа да учат од еден таков мајстор и легендарен пијанист.
„Кај Корољов секоја нота во музичката композиција е важна, тој точно знае со каков звук и туше (допир на прсти) таа треба да се изведе и тоа знае многу прецизно да го пренесе. Тој ни го разви музичкиот слух и прстниот допир на највисоко можно ниво. Оттука јас можам само преку слушање на нечија изведба, без гледање, точно да дијагностицирам што таму недостига и како тоа треба да се поправи. Слушајќи го Арда точно знаев како да работам со него, на кој начин да му ги поправам техничките недостатоци, да му го развивам музичкиот слух за да може да изгради една добра музичка архитектура во делото, да го воведам во уметноста на свирење кантабиле каде секоја нота во фразата е испеана без непотребни акценти и со посебен допир преку перничето на прстите. Работевме многу и на знаењето на изведбата на орнаментите кај разни композитори и на стилот“, рече професорката.
Посебен предизвик било тоа што последните месеци поради пандемијата можеле да држат само онлајн часови, но за тоа нашле решение кое подоцна се покажало како идеално.
„Нашиот метод беше следниот: Арда ми праќаше снимка на негова изведба на делата. Јас таа снимка насамо ја преслушував повеќе пати, ја анализирав и потоа онлајн работевме со Арда на секој детаљ од снимката. Откако детално ќе му ги образложев недостатоците во одреден дел од снимката, повторно му го пуштав тој дел за да тој може критички себеси да се преслуша и освестено да ги примети и поправи грешките. Овој метод на работа го подготви Арда да прави се подобри снимки и на крај тој беше подготвен од прво свирење да ја изведе многу прецизно програмата со потребниот уметнички впечаток. Токму овие финални видеоснимки направени според барањата за приемен испит на Факултетот, му донесоа на Арда максимален број на освоени поени во двете етапи и прворангираност. Морам да напоменам дека поради пандемијата со ковид-19 странските кандидати полагаа приемен испит преку видеоснимки. Снимките за приемен испит не смееја да бидат технички обработувани, туку мораа да бидат снимени од прва изведба на пијанистот под точно дефиниран агол на видеоснимање. Посебно се гордеам што комисијата во Хамбург составена од врвни пијанисти го препозна квалитетот на нашата работа и високо го оцени“, додава Шкариќ.
Приeмниот испит за пијано се состоел од две етапи (два дела). На првата етапа се свирело концертна виртуозна етида и дело по сопствен избор. Целта на првата е да направи строга селекција на кандидатите кои ќе поминат во втората етапа. Со децении, на приемниот испит во Хамбург се пријавуваат кандидати од многу земји, меѓу нив од Русија, Јапонија, Кина, цела Европа. Конкуренцијата е огромна, вели Шкариќ, и затоа програмата морала многу внимателно да се избере.
„За тоа се консултиравме со Корољов. Тој посочи поширок репертоар кој е пожелен да се свири, а посочи и што не смее никако да се свири. Од посочениот поширок репертоар познавајќи го Арда му ги избрав делата во кои ќе може најдобро да се прикаже во согласност со неговиот сегашен музички потенцијал. Изборот се покажа одличен, па така Арда во првата етапа го освои максималниот број поени и потоа продолжија припремите за втората етапа. Во неа требаше да се свири прелудиум и фуга од Бах (по препорака четиригласна фуга), класична соната и виртуозно дело по избор од периодот на романтизмот, импресионизмот или 20. век. Пренесеното знаење од Корољов за изведба на Бах (Корољов се вбројува во најдобрите светски изведувачи на Бах), ми овозможи да го спремам Арда на одлично ниво за прелудиумот и четиригласната фуга, класичната соната која ја избравме исто ја спремивме со целосно запазени детали во однос на стил, орнаментика и темпо, додека најголемиот ризик го понесовме во виртуозното дело од периодот на романтизмот. Неговиот избор се наметна од друго место, но бидејќи Арда веќе почна доста добро да го владее тоа дело решивме да продолжиме со работа врз интерпретацијата. Тоа беше композиција од Шуман, Алегро оп. 8, која е многу специфична поради виртуозноста и темпото рубато кои ги содржи. Во неа мора да се покаже една посебна артистичност, која малку пијанисти ја поседуваат. Но, Арда многу добро се снајде и преку оваа композиција откривме дека тој има посебни афинитети за Шуман. Оттука и во втората етапа Арда го освои максималниот број на поени и беше прворангиран“, рече професорката.
Мустафаоглу ги привршува административните подготовки за патувањето и престојот во Хамбург, и таму ќе биде од следниот месец.
„Се радувам што ќе бидам во градот каде што се произведува светски познатиот бренд на пијана ‘стенвеј’ и што ќе свирам на квалитетни инструменти, а исто така се радувам и што ќе имам можност да ги следам концертите во најубавата филхармониска сала на светот, Хамбуршката Елбфилхармонија“, рече пијанистот.
Б. НЕСТОРОСКА