Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје уште не е вселен во објектот покрај кејот на реката Вардар во центарот на градот што, според документацијата, бил проектиран и изграден за неговите потреби, а денес во него се сместени државни институции. Деканот Владимир Павловски вели дека станува збор за долгогодишен процес, во кој Факултетот никогаш не се откажал од објектот, туку барал да се завршат специфичните работи неопходни за негово функционирање. ФДУ, кој се наоѓа во скопската Општина Карпош, во моментот е во очајна состојба поради дотраеноста на бараките кои се изградени по земјотресот со намена да бидат привремени објекти.
Директорот на Службата за општи и заедничи работи (СОЗР) Ивица Томовски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека ФДУ за еден месец ќе може да се пресели во дел од објектот кој ќе биде слободен за факултетот .
„Во оваа зграда сега се Државната комисија за спречување на корупцијтаа и Министерството за европски прашања. Министерството наскоро ќе се врати во зградата која беше опожарена, која за неколку дена ќе биде комплетно завршена. Со тоа ФДУ ќе може да ги користи просториите кои се за нив“, ни рече Томовски.
За изградба на барокната зграда во која ќе бидат сместени Факултетот за драмски уметности и десетина државни институции потрошени се околу 25 милиони евра. Зградата е на седум ката плус поткровје и почна да се гради во 2012.
Според Павловски, документацијата покажува дека од 2010 до 2017 биле спроведувани јавни набавки за изградба на објект означен како „административен објект – државни институции и Факултет за драмски уметности“. Тој посочува дека просторот бил проектиран според потребите на ФДУ и содржи театарска сала, простории за проби, телевизиско студио, мини кино-сала и други специјализирани простори што ги бара наставата по драмски уметности.
По промената на власта во 2017, тогашното раководство на ФДУ во повеќе наврати барало да се довршат специфичните елементи неопходни за користење на зградата – сценски мостови, акустика, портал на сцена, аудио-видео инсталации, сценско осветлување и физичко одвојување на кровната тераса, која според првичниот проект требало да биде летна сцена. Во 2018 Факултетот побарал и финансиски средства од Министерството за образование и наука (МОН) за опремување на новиот објект со мебел, сценска и аудиовизуелна опрема, при што бил предупреден дека зградата би можела да му биде предадена без потребната опрема и техника.
Павловски потсетува дека во 2019 тогашниот декан Лазар Секуловски испратил писмо до тогашниот премиер Зоран Заев, барајќи институционална помош за забрзување на процесот. Во писмото, како што наведува, било посочено дека тогашниот директор на Службата за општи и заеднички работи оценил дека квадратурата е преголема за ФДУ и дека кровната тераса би била пренаменета за угостителски објект, што Факултетот го оценил како нарушување на неговата автономија и на наставно-уметничкиот процес.
Во 2020, за време на ковид пандемијата, на состанок во Министерството за образование било образложено дека дел од државните институции имаат итна потреба од простор поради оштетувањето на нивните објекти, по што зградата почнала да се користи за нивно сместување, а во замена да се изгради нова зграда на сегашната локација на ФДУ. Денес во неа функционираат повеќе институции, меѓу кои Министерството за европски прашања, МИА и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Просторот е проектиран според потребите на ФДУ и содржи театарска сала, простории за проби, телевизиско студио, мини кино-сала и други специјализирани простори што ги бара наставата по драмски уметности. (Фото: ФДУ)
Павловски вели дека неодамна со продеканката Валентина Божиновска извршиле увид во објектот и констатирале дека тој е функционален, но не и целосно прилагоден за наставните потреби на ФДУ, бидејќи дел од специјализираната опрема сè уште недостасува.
„Објектот е практично завршен и јасно се гледа дека е проектиран за ваква институција. Голем дел од просторните решенија се реализирани токму според барањата на Факултетот“, вели Павловски.
Тој додава дека ФДУ денес не може правно да се всели во зградата, бидејќи во меѓувреме на Наставно научниот совет на ФДУ бил донесен став да се разгледува можноста за изградба на нов факултет на сегашната локација. Според него, таквиот проект никогаш не започнал, ниту биле решени основните урбанистички и имотно-правни предуслови.
„Според документацијата, Факултетот никогаш не барал да се откаже од објектот. Барал само да се довршат работите што биле неопходни за преселба. Имам личен став дека сме биле доведени во заблуда со ветувања дека ќе се гради нова зграда, а денес не постои ниту почетна фаза за таков проект“, вели Павловски.
Како дополнителен проблем тој ги посочува просторните услови во кои моментално работи ФДУ. Поради недостиг од простор, дел од професорите делат кабинети, не може да се зголеми бројот на студенти, ниту да се воведат нови студиски програми како дизајн на звук, анимација и современи мултимедијални студии.

Салата на ФДУ која Државната комисија за спречување на корупцијата ја користи за прес-конференциии. (Фото: ФДУ)
Недостатокот од простор влијае и врз практичната настава. Павловски вели дека факултетот нема соодветни услови за складирање сценографија, костими и друга сценска опрема, која во моментов е распределена на повеќе различни локации со помош на други факултети. Деканот истакнува дека министерката за образование Весна Јаневска ја поддржува иницијативата ФДУ да го добие објектот за кој првично бил наменет.
Според него, најбрзото и најрационално решение е државните институции, по преселбата во нивните матични објекти, да ја ослободат зградата.
„Не гледам причина да се гради нова зграда ако веќе постои објект што е проектиран и изграден токму за потребите на Факултетот за драмски уметности. Со тоа ќе добие и Универзитетот и државата, бидејќи конечно ќе се создадат услови за развој на нови студиски програми и современо уметничко образование. Сакам да нагласам дека најголемиот број од државните успеси од областите на театар и филм се од поранешни студенти на ФДУ. Годинава нашата студентка Ева Костиќ од ФДУ/УКИМ доби престижна награда на Сараевски филмски фестивал Златно срце на Сараево за најдобра женска улога, за улогата во филмот ‘17‘ во режија на Косара Митиќ’“, вели деканот на ФДУ.
Б. НЕСТОРОСКА




