„Фаворитот“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос и „Рома“ на Алфонсо Куарон ќе се борат за десет Оскари на претстојното доделување на најпрестижните филмски награди на 24 февруари. „Ѕвезда е родена“ и блокбастерот „Блек Пантер“ добија осум, односно седум номинации.
Покрај нив, за најдобар филм конкурираат и „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“, „Боемска рапсодија“, „Зелена книга“ и „Потпретседател“.
Бредли Купер („Ѕвезда е родена“), Кристијан Бејл („Потпретседател“), Рами Малек („Боемска рапсодија“), Виго Мортенсен („Зелена книга“) и Вилем Дефо („Пред портите на вечноста“) се номинирани за најдобар актер, а во женска конкуренција тоа се Глен Клоуз („Сопруга“), Леди Гага („Ѕвезда е родена“), Мелиса Мекарти („Ќе ми простиш ли некогаш?“), Оливија Колман („Фаворитот“) и Јалица Апарисио („Рома“).
Добитниците во последните две години, Сем Роквел и Махершала Али, повторно се номинирани за најдобра споредна улога, за „Потпретседател“, односно „Зелена книга“, покрај Адам Драјвер („Црниот член на Кју-Клукс-Клан“), Ричард Е. Грант („Ќе ми простиш ли некогаш?“) и Сем Елиот („Ѕвезда е родена“), за кои тоа е прва номинација во кариерата. Кај жените се селектирани Ејми Адамс („Потпретседател“), Марина де Тавира („Рома“), Реџина Кинг („Кога улицата Бил би можела да зборува“) и тандемот од „Фаворитот“, Ема Стоун и Рејчел Вајс.
Меѓународна екипа се најде во конкуренција за најдобар режисер: Полјакот Павел Павликовски за „Студена војна“, Мексиканецот Куарон за „Рома“ и Гркот Лантимос за „Фаворитот“, заедно со Американците Адам Мекеј за „Потпретседател“ и Спајк Ли за „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“.
Освен главната награда, „Рома“ може да биде избран и за најдобар странски филм, а во потесниот круг влегоа и „Капернаум“ (Либан), „Студена војна“ (Полска), „Крадци“ (Јапонија) и „Не гледај на страна“ (Германија).