ФЕСТИВАЛ НА КРЕАТИВНО УРЕДЕНИ ИЗЛОЗИ ЗА ПРВПАТ ОД ДЕНЕС ВО СКОПЈЕ

    ФЕСТИВАЛ НА КРЕАТИВНО УРЕДЕНИ ИЗЛОЗИ ЗА ПРВПАТ ОД ДЕНЕС ВО СКОПЈЕТеатарот за деца и младинци е еден од објектите кој доби декориран излог како дел од фестивалот „Недела на излозите“. (Фото: Недела на излозите)

    Млади дизајнери и архитекти кои поминаа повеќе работилници за естетско уредување на комерцијални излози, работеа на фестивалот „Недела на излозите“, кој за првпат во Скопје ќе се одржува од денес до 17 декември. Основачи на фестивалот се модниот истражувач Кристина Глигоровска, архитектката Искра Јанковска-Михајловска и модната креаторка и професорка Лидија Георгиева, а е поддржан од Амбасадата на Швајцарија.

    „’Недела на излозите’ е нов фестивал за креативност, современост и уникатност доловени преку излозите кои се естетски симболи на визуелната култура на градот“, велат основачите.

    За првото издание на фестивалот, млади модни дизајнери и архитекти со преуредување на неколку излози и еден пасаж, го претворија центарот на градот Скопје во модерна галерија. Преуредени се излозите на книжарницата „Култура“, часовничарот „Хронометар“, Театарот за деца и младинци, книжарницата „Литература.мк“, продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд „Линд“, и пасажот до книжарницата „Литература.мк“.

    Меѓу декорираните излози е и излогот на книжарницата „Култура“

    Отворањето е во 18:30 часот од „Линд“, ќе продлжи низ останатите излози на улица Македонија, и во 19:10 на терасата на ресторанот Пелистер ќе говорат амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и основачите на фестивалот. Диџеј сет ќе има Соња Исмаил.

    Зад креативниот концепт и реализацијата на секој излог стои тим составен од млади архитекти и модни дизајнери, кои на свој начин пренесуваат важни пораки до минувачите и раскажуваат различни приказни. Проектот започна во јануари годинава и се одвиваше во три фази: едукација преку три мастеркласови одржани од светски реномирани експерти од Лондон и Париз со огромно искуство во областа на модниот дизајн, естетско уредување на комерцијалните простори, визуелната уметност и архитектурата, работилници за градење на креативните концепти за уредување на излози одржани од локални и регионални експерти и последната фаза – реализација на креативните концепти со локални ментори професионалци со интернационално искуство во областа на архитектурата, модниот дизајн и модната теорија.

    Мапата на уредените излози

    „Покрај едукативна, целта на овој фестивал е подигнување и сензибилизација на локалната визуелна култура, повеќе од кога било потребна на градот Скопје“, велат организаторите.

    Партнери на првото издание на фестивалот се Центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“ во Скопје, Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, Архитектонскиот факултет во Скопје и „МладиХаб“, односно Канцеларијата на Претседателот (кај Рекорд). „МладиХаб“  ќе служи како инфопоинт на фестивалот.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира