Младинскиот културен центар (МКЦ) вели дека не е точно тврдењето дека откако разбрале оти „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи ќе го отвори филмскиот фeстивал Киненова во Скопје го ограничиле со по само десет бесплатни билети за секоја проекција на фестивалските филмови. МКЦ вели дека бројката на десет бесплатни билети што фестивалот ги добива на располагање за секој филм што ќе се прикаже била утврдена со одамна потпишаниот договор со директорот Небојша Јовановиќ. Сите други билети се продаваат за 100 денари на билетарницата на кината Миленум и Фросина.
Фестивалот ќе се отвори утревечер со македонската премиера на „Ругање со Христос“ во кино Милениум билетите се во слободана продажба.
Вчера режисерот Бојаџи обвини дека Владата се обидува да ја спречи фестивалската премиера на неговиот филм затоа што Киненова добиле само 10 бесплатни билети, а другите се за продажба. Бојаџи вели дека според тоа ќе треба и тој и екипата сами да си купат билети.
„Неделава раководството на МКЦ по налог на шефот на Владата кој изјави дека лично тој наредил, прават сè за да се спречи одржувањето на фестивалот Киненова, а со тоа да го спречат и одржувањето македонската премиера на нашиот филм ‘Ругање со Христос’“, напиша вчера Бојаџи на својот профил на Фејсбук.
Во писмото од МКЦ, стои дека оваа институција е организатор на голем број од културните настани и програми и секогаш е на страната на добрата, позитивната и напредната култура и уметност, и оти секогаш се трудат покрај нивната сопствена продукција, да бидат максимално отворени и кон сите останати правни и физички чинители на нашето културно живеење.
„И токму затоа не сакаме да бидеме мешани во никакви негативни, тенденциозни и зли намери и кампањи.
за жал, некој друг се обидува преку грбот на МКЦ да истера некои свои правдини, освојувајќи само неаргументирана, несериозна и евтина популистичка видливост. МКЦ ниту има организациска, правна и програмска релација со филмот на режисерот Јани Бојаџи, ниту пак има намера и овластување за тоа со било кој друг автор, продуцент или дистрибутер кој е дел од програмата на фестивалот Киненова. Сметаме дека е чесно Јани Бојаџи јавно да се извини за својот превид, а воедно и очекуваме организаторот на фестивалот да го стори истото, посебно што истиот тој фестивал е исто така поддржан од јавни средства, а тоа за нас подразбира заедничко позитивно и квалитетно делување во културата во нашата земја“, стои во реакцијата на МКЦ.
Директорот на Киненова, Небојша Јовановиќ на денешниот прес рече дека со МКЦ немаат потпишано конкретен договор, но МКЦ вели дека со организаторот на фестивалот Киненова има потпишано Договор за отстапување на просторот (двете кино сали: Фросина и Милениум), Договор во кои се наведени правата и обврските на двете договорни страни, но и во кој може да се види дека МКЦ нема никаков увид во селекцијата, уредништвото и програмирањето на фестивалот Киненова.
„Па оттаму и не знаеме како само еден филм од програмата треба наеднаш да е предмет на различно толкување и отстапки од веќе потпишаниот Договор?“, стои во соопштението од МКЦ.
Јовановиќ рече дека изминатите години имале партнерски однос со МКЦ, од каде како партнери им ги давале киносалите како простор за користење, со тоа што МКЦ располага со продажбата на билетите,а фестивалот добива извесен број билети за свои потреби.
„Изминатите години добивавме билети колку што ќе побараме, само годинава е со ограничување од 10 билети. Тие билети ќе бидат наменети за членовите на жирито и за гостите, а ние ќе ги поканиме останатите гости да си ги купат билетите. Денес ќе ги поканиме и сите институции. Билети има на билетарницата на Милениум, цената е 100 денари“, изјави Јовановиќ.
Филмот на Бојаџи е актуелен изминатиов период по реакциите од Министерот за култура Асаф Адеми и од директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кои иако велат дека не го гледале филмот туку само трејлерот, го оценија како скандалозен, без уметничка вредност и оти ги навредува чувствата на Албанците оти војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи.
ИАКО НЕ ГО ГЛЕДАЛ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ СМЕТА ДЕКА ФИЛМОТ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ Е НАВРЕДЛИВ ЗА АЛБАНЦИТЕ
„РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ НА БОЈАЏИ ДОБИ НАГРАДА ЗА ИНОВАТИВНОСТ ВО МОНТРЕАЛ
Режисерот Бојаџи рече дека кинострибуцијата на филмот „Ругање со Христос“ низ земјава е невозможна мисија и дека филмот е одбиен од сите центри за култура, како и од Синеплекс.
„Ми кажаа дека до крајот на годината немаат ниту еден слободен термин. И во кино Милениум и во кино Фросина. Исто и во Кино Култура, во Битола, во Куманово и во други градови“, ни изјави Бојаџи.
На утрешното свечено отворање, на реномираната српска театарска и филмска актерка Аница Добра, ќе ѝ биде доделена наградата за особен придонес во филмската уметност.
Б. НЕСТОРОСКА