ФЕСТИВАЛОТ ВО РОТЕРДАМ ЌЕ ОДИ ОНЛАЈН, ОТВОРА СО ФИЛМ СО ДЕМИ МУР

    ФЕСТИВАЛОТ ВО РОТЕРДАМ ЌЕ ОДИ ОНЛАЈН, ОТВОРА СО ФИЛМ СО ДЕМИ МУРРотердам отвора со американската драма на Аманда Крамер „Те молам бејби, те молам“ (Please Baby Please). (Фото: ИФФР)

    Филмскиот фестивал во Ротердам, најголемиот за незавсен фиом во светот, ја претстави официјалната селекција за годинашното 51. издание кое ќе биде само онлајн, поради напливот на болни од сојот омикрон на коронавирусот во Холандија. Омикронскиот бран влијаеше и на селекцијата, а во последен момент се промени и филмот за отворање – Ротердам отвора со американската драма на Аманда Крамер „Те молам бејби, те молам“ (Please Baby Please), место холандскиот „По патот“ од Мијке де Јонг. Фестивалот ќе трае од 26 јануари до 6 февруари.

    Андреа Рајзборо, Хари Мелинг и Деми Мур глумат во филмот на Крамер, приказна за младенци кои го преиспитуваат својот сексуален идентитет. Опусот на американската музичарка и режисерка Аманда Крамер ќе има специјална презентација во програмата Фокус на ова издание.

    Директорката на фестивалот Вања Калуѓерчиќ денеска ја откри и селекцијата за Златен тигар со конкуренција од 14 дела што се дебија, втор или трет филм на авторите, како и во селекциите Големо платно, и во уште 5 други програми. На фестивалот ќе има и онлајн разговори со Аманда Крамер, францускиот актер и режисер Матје Амалрик и годинашниот добитник на наградата „Роби Милер“, тајландскиот кинематографер Сајомбху Мукдипром.

    „Објавувањето на нашата целосна фестивалска програма е секогаш возбудлив момент и оваа година не е исклучок. По тешката одлука да го преместиме нашиот фестивал онлајн, избравме прекрасен онлајн избор за нашата публика овде во Холандија, истовремено обезбедувајќи дека нашите натпреварувачки селекции и филмаџиите кои ни веруваа со нивните премиери ќе добијат платформа за презентација пред критиката и филмската индустрија. Кога на кината ќе им биде дозволено повторно да се отворат, ќе ги претставиме филмовите во конкуренцијата за награди на големото платно пред нашата публика подоцна во текот на годината“, рече Калуѓерчиќ.

    Главната конкуренција содржи 14 филмови, а жирито ќе додели три награди – Златен тигар што носи и 40.000 евра и две специјални награди од жирито, во вредност од по 10.000 евра.

    Конкуренцијата во Голем екран има 10 дела и нуди широка селекција, премостувајќи го јазот помеѓу популарниот, класичниот и уметничкиот филм. Жири од публиката ќе ја додели главната награда што носи загарантирана кинодистрибуција во Холандија и емитување на холандската телевизија, а се доделува и награда од 30.000 евра, подеднакво поделена помеѓу режисерот и дистрибутерот на филмот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира