ФИЛМОВИТЕ НА ТЕОНА МИТЕВСКА И ТАМАРА КОТЕВСКА ЌЕ ИГРААТ НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    ФИЛМОВИТЕ НА ТЕОНА МИТЕВСКА И ТАМАРА КОТЕВСКА ЌЕ ИГРААТ НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛ„Мајка“ на  режисерката Теона Стругар Митевска ќе ја отвори селекцијата „Хоризонти“, а документарниот филм „Силјан“ на Тамара Котевска е се прикаже вон конкуренција во програмата за документарци. (Фото: СДК.МК)

    Два македонски филма ќе имаат светска премиера на  82. издание на Венецискиот филмски фестивал (27 август-9 септември), соопшти денеска Фестивалот кој ја објавува прoграмата. „Мајка“ на  режисерката Теона Стругар Митевска ќе ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“, а документарниот филм „Силјан“ на Тамара Котевска е се прикаже вон конкуренција во програмата за документарци.

    Првпат два македонски филма имаа премиера во Венеција во 2023, кога „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски играше во Хоризонти, а документарецот „21 ден до крајот на светот“ на Митевска во програмата Денови на авторите (или Венециски денови).

    Единствен македонски автор кој го освоил престижниот Златен лав е Милчо Манчевски, во 1994 со „Пред дождот“, а во 2001 неговиот филм „Прашина“ го отвори Венецискиот фестивал.

    Мајка Тереза  ја игра шведската актерка Номи Рапас. (Фото: Венециски филмски фестивал)

    Ова е трет пат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (во Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ во 2023. „Мајка“ е и нејзин прв филм на англиски јазик.

    „Мајка“ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, вели Митевска. (Фото: Продукција на филмот)

    „‘Мајка’ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија. Идејата за филмот започна да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм ‘Тереза и јас’, проект финансиран од Македонската радио телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот ‘Мајка’“, вели Лабина Митевска, продуцентка на филмот.

    „Силјан“ е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк во Овчеполието. (Фото: Венециски филмски фестивал)

    Мајка Тереза  ја игра шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“), Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Фокс во сестра Агнешка.

    Сцена од документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска. (Фото: Продукција на филмот)

    Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија со 37 милиони денари (околу 600.000 евра) на Конкурсот во прв рок за 2023. Поддршка има и од  Креативна Европа  МЕДИА, Данскиот филмски институт, „Белџиум такс шелтер“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

    Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишна соработничка на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото е на Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

    Документарецот „Силјан“ на Котевска е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.

    „Филм кој започна како страсен проект со самофинансирање повеќе од една година, се претвори во 3-годишно патување кое нè однесе овде!“, вели Котевска.

    Филмот е сниман 3 години и Котевска сама го има започнато од идеја до продукција. Таа е и режисерка и продуцентка на филмот во копродукција со американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се Жан Дакар кој е и кинематографер на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми.

    „’Силјан’ има моќ да ни ги отвори очите и срцата за животи што инаку би останале невидливи“, вели за филмот Том Пауерс, главен селектор за документарци на фестивалите во Торонто и Њујорк док.

    Котевска, која има 2 номинации за Оскар за документарецот „Медена земја“, на 80. Венециски фестивалво 2023  говореше на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ (Lights Camera Impact) и го претстави својот втор документарец „Патување пеш“. Котевска во моментов го снима нејзиниот прв игран филм „Човек против јато.

    „Грација“ на Паоло Сорентино, љубовна приказна во која тој повторно се спојува со актерот од „Големата убавина“ Тони Сервиљо, ќе го отвори Фестивалот на 27 август. Двократниот оскаровец Александeр Пејн ќе претседава со жирито за Златен лав во главната селекција.

    Со жирито во селекцијата Хоризонти ќе претседава француската режисерка и сценаристка Жулија Дукурно, која во 2021 освои Златна палма во Кан со „Титан“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира