ФОТОГРАФИЈА НА КАТРИН ДЕНЕВ ОД 1968 Е НА ОФИЦИЈАЛНИОТ ПОСТЕР НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    ФОТОГРАФИЈА НА КАТРИН ДЕНЕВ ОД 1968 Е НА ОФИЦИЈАЛНИОТ ПОСТЕР НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛНа постерот е Денев на снимањето на филмот „Дамар“ на Ален Кавалие на Азурниот брег во 1968. (Фото: Кански фестивал)

    Фотографија со француската филмска дива Катрин Денев на снимањето на филмот „Дамар“ на Азурниот брег во 1968 е на официјалниот постер на 76. филмски фестивал во Кан. Фотографијата на Џек Гарофало е снимена на плажата Пампелон, на сетот на филмот на Ален Кавалие во кој играат Денев, Мишел Пиколи и Роџер ван Хул.

    „Во филмот, според романот на Франсоаза Саган, Денев ја игра Лусил, која води световен и површен живот, обоен со леснотија и вкус за луксуз. Нејзиното срце чука избезумено, набрзина, страсно. Како срцето на кинематографијата што ја слави Канскиот фестивал секоја година: нејзиниот жив и отелотворен пулс може да се слушне насекаде. Денев е муза на Жак Деми, Ањес Варда, Луис Буњуел, Франсоа Трифо, Марко Ферери, Маноел де Оливеира, Андре Тешине, Емануел Берко или Арно Десплешин и е врската меѓу сите нив. Повеќе од 60 години, најголемата француска ѕвезда никогаш не престана да снима, повторно да се измислува себеси, да експериментира, да биде смела и да работи со дебитанти“, вели Фестивалот за постерот чиј автор е Хартланд Вила.

    Четири годни пред да биде снимена фотографијата од постерот, Денев со „Шербуршките чадори“ на Жак Деми ја освои Златната палма во 1964. Следната година, „Одбивност“ од Роман Полански ја освои Сребрената мечка во Берлин. Потоа следеа „Прашање на отпорот“ од Жан Пол Рапено, „Младите девојки од Рошфор“ од Жак Деми и „Убавица на денот“ на Луис Буњуел. Оттогаш, нејзиниот ќе биде пат на славата, набиен со ремек-дела и заложби кои ќе го обликуваат портретот на ѕвезда, како и оној на жена со свој став. Денев од една страна го потпиша „Манифестот на 343“ во 1971 барајќи легализација на абортусот, но и колективниот текст во 2018 во кој сто жени го отфрлија „пуританизмот, осудувањето и каква било форма на експедитивна правда“.

    Денев глумеше и во „Индокина“ на Режис Варние, кој од 1993 е последниот француски добитник на Оскар за најдобар странски филм. Во 1994, таа беше потпретседателка на жирито предводено од Клинт Иствуд, кое ја додели Златната палма на „Евтини приказни“ на Квентин Тарантино. Во 2005 ја доби почесната Златна палма, а во 2008, под претседателство на Шон Пен, Специјалната награда на 61. фестивал за целата нејзина кариера. Во 2016 Катрин Денев ја доби наградата Лимиер што ја посвети „на земјоделците“, со што повторно ги изненади сите.

    „Токму оваа неискажлива магија на Денев ја пренесува 76. фестивал со овој безвременски постер. Да ја повториме славната сегашност на филмот и да ја замислиме неговата иднина полна со ветувања. Катрин Денев се залага за она што филмот никогаш не треба да престане да биде: недофатлив, смел, безобразен. Нешто очигледно: неопходност“, вели Канскиот фестивал.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира