ФРАНЦИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА РЕМЕК-ДЕЛАТА КОИ СЕ ПОЗАЈМЕНИ ВО ЛУВР АБУ ДАБИ

    ФРАНЦИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА РЕМЕК-ДЕЛАТА КОИ СЕ ПОЗАЈМЕНИ ВО ЛУВР АБУ ДАБИДелото „Сенката“ од Пикасо е изложено во Лувр Абу Даби. (Фото: АФП)

    Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика загриженост за безбедноста на ремек-делата позајмени од Франција во Лувр Абу Даби, отворајќи прашања за сигурноста на единствената странска филијала на познатиот музеј. Музејот, кој беше отворен во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во 2017, досега избегна оштетувања од речиси 1.800 ирански напади со дронови и ракети откако конфликтот започна на 28 февруари.

    Лувр Абу Даби, кој и понатаму е отворен, соопшти дека „безбедноста на нашите посетители, нашиот персонал и нашите колекции (и сопствените и оние на заем) останува наш врвен приоритет“.

    Но, загриженоста расте во Франција.

    „Делата мора да се чуваат безбедно“, изјави Дидие Селес, кој помогнал во преговорите за првичниот договор меѓу Франција и Обединетите Арапски Емирати.

    Тој за списанието „Телерама“ изјави дека артефактите се под закана по избувнувањето на војната меѓу Израел и САД од една страна и Иран од друга страна. Францускиот весник „Трибун де л’арт“ ја повтори оваа загриженост: „Делата на Лувр во Абу Даби мора да се чуваат безбедно!“.

    Француското Министерство за култура за АФП изјави дека француските власти се „во близок и редовен контакт со властите на Обединетите Арапски Емирати за да се обезбеди заштита на делата позајмени од Франција во Лувр Абу Даби“.

    Според условите на договорот потпишан со ОАЕ,, Франција се обврза да ја обезбеди својата експертиза, да позајмува уметнички дела и да организира изложби, во замена за 1 милијарда евра, вклучувајќи 400 милиони евра само за лиценцата за користење на името Лувр. Овој историски договор беше продолжен во 2021 година за уште десет години, до 2047 година, за дополнителни 165 милиони евра.

    Меѓународната консултантска организација „Музеи на Франција“ задолжена за развојот на Лувр Абу Даби, изјави дека покрај 600-те дела во постојаната колекција на музејот, околу 250 дела се на заем од Франција, без да се дадат дополнителни детали.

    Според АФП, голема доза на тајност ја опкружува уметноста од француските јавни колекции која привремено е изложена во овој изложбен простор од 24.000 квадратни метри.

    Ниту една од француските институции што беа контактирани, вклучувајќи ги Лувр, Версај, не сакаше да открие кои слики или скулптури се позајмени во Абу Даби во рамките на партнерството вредно 190 милиони евра за десет години. Сите упатуваат на „Музеи на Франција“, но организацијата одбива да даде детали.

    Кога Лувр Абу Даби беше отворен во 2017, 300 дела беа позајмени од Франција, меѓу кои и слики од Да Винчи, Моне, Ван Гог и Ворхол, како и статуа на Рамзес Втори. На својата веб-страница Лувр вели дека секоја година му доверува „100 ремек-дела од своите колекции“ на Абу Даби.

    Анонимен извор на АФП изјави дека не постои непосредна опасност, нагласувајќи дека музејот е дизајниран да ги заштити своите колекции од безбедносни закани и природни катастрофи.  Враќањето на делата назад, додаде изворот, би носело ризици.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира