ГЛАВНИТЕ ХЕРОИНИ МИ СЕ ОД ШУТО ОРИЗАРИ И СЕ РАДУВАМ ДЕКА НАСКОРО СИТЕ ЌЕ ГО ВИДАТ НИВНИОТ ТАЛЕНТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ДИНА ДУМА ЗА НОВИОТ ФИЛМ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

    ГЛАВНИТЕ ХЕРОИНИ МИ СЕ ОД ШУТО ОРИЗАРИ И СЕ РАДУВАМ ДЕКА НАСКОРО СИТЕ ЌЕ ГО ВИДАТ НИВНИОТ ТАЛЕНТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ДИНА ДУМА ЗА НОВИОТ ФИЛМ (ФОТОГАЛЕРИЈА)Симонида Селимовиќ и Ефќар Абаз на денешниот сет со режисерката Дина Дума. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Рефлектори, камери, монитори, микрофони, компјутери, слушалки и екипа со токи-воки се поставени во дворот и ходниците на Средното училиште „Браќа Миладиновци“ во скопската населба Драчево, каде што веќе три дена се снимаат сцени од новиот филм на режисерката Дина Дума, „Скејтањето не е за девојчиња“, нејзин втор.

    Иако снимањето трае за време на училишните часови и паузи, целиот процес е организиран под конец и никој никому не пречи во работата.

    Симонида Селимовиќ и Ефќар Абаз на денешниот сет. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а продуцентката Лабина Митевска вели дека е копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, од каде што доаѓаат креативната и техничката екипа. Дејството се случува во ромска заедница во скопската населба Шуто Оризари. Во тек е третата недела од снимањето, а имаат уште четири недели.

    Денеска медиумите присуствуваа на снимање на сцена со главниот лик Адела (Ефќар Абаз) и нејзината мајка (Симонида Селимовиќ), кои се во канцеларијата на директорката на училиштето во кое учи Адела (Лилјана Богоевиќ од Хрватска).

    Ова е втор долгометражен филм на Дина Дума. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Ова е филм за три генерации жени кои постојано се справуваат со тешкотиите помеѓу традиционалното и модерното општество. Филмот ми е посебно драг и посебно ми е мило што е сместен во Шуто Оризари и дел од снимањето се одвива таму. Нашите главни хероини се од Шуто Оризари, македонската јавност не ги знае, натуршчици се и многу ми е драго дека наскоро ќе ги дознае и ќе го открие нивниот талент“, изјави Дума.

    Покрај нив играат и поискусните актери Симонида Селимовиќ, која доаѓа од Виена, Северџан Бајрам и Санела Емин.

    Сценариото е на Дума, а косценаристки се Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, а кастинг директор е Киријана А. Николоска. Продуцентка на филмот е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.

    „И понатаму покажуваме дека имаме толку многу интересни приказни да раскажеме за кои светот е заинтересиран“, вели Лабина Митевска. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска и од Еуроимаж. Буџетот на филмот е 1.560.000 евра, а од Агенцијата за филм доби 391.000 евра.

    Продуцентката Лабина Митевска вели дека на филмот работи многу голема интернационална екипа, се снима целосно во Македонија со екипи од партнерите. Монтажата ќе се работи во Белгија, а дел од постпродукцијата, освен во Белгија, ќе се работи и во Хрватска и Словенија.

    Од денешното снимање на сцена во „Браќа Миладиновци“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Добивме поддршка минатата година. Филмот беше развиван во Кан, тоа е навистина голем исклучок. Кан двапати годишно бира по шест режисери. Дина беше три месеци во Кан, каде го пишуваше првиот драфт од сценариото и потоа бевме на Синелинк каде овој филм навистина беше хит и добивме две награди во развој. Потоа аплициравме во Агенцијата за филм и за шест месеци го склопивме буџетот. Каде и да аплицириваме многу ентузијастички реагираа на Дина како млад, интересен автор и мислам дека како Македонија и понатаму покажуваме дека имаме толку многу интересни приказни да раскажеме, за кои светот е заинтересиран“, рече Митевска.

    Ефќар Абаз ја игра Адела. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дебито на Дума, „Сестри“, имаше светска премиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, а беше и македонски кандидат за Оскар, но не влезе во прелиминарниот избор на Американската филмска академија. „Сестри“ е првиот македонски филм кој беше достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира