ГЛУМЕЊЕТО СО ТЕБЕ МИ Е НАГРАДА САМА ПО СЕБЕ, МУ РЕЧЕ ЖИЛИЕТ БИНОШ НА РЕИФ ФАЈНС ВО СОЛУН

    ГЛУМЕЊЕТО СО ТЕБЕ МИ Е НАГРАДА САМА ПО СЕБЕ, МУ РЕЧЕ ЖИЛИЕТ БИНОШ НА РЕИФ ФАЈНС ВО СОЛУНФајнс и Бинош во Солун го промовираа и третиот заеднички филм, „Враќање“. (Фото: ТИФФ)

    (Од Солун за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Костова)

    Во емотивна средба на стари и добри пријатели, оскаровката Жилиет Бинош и британската ѕвезда Реиф Фајнс во Солун ги добија почесните награди Златен Александар за животно дело, а го промовираа и нивниот најнов, трет, филм снимен во над 30 години соработка, „Враќање“. Бинош и Фајнс првпат играа заедно во „Оркански висови во 1992, а 4 години подоцна во оскаровскиот хит „Англискиот пациент“.

    „Многу сум благодарен и почестен што сум тука, покрај оваа прекрасна жена. Многу сум благодарен за можноста да зборувам за неа овде. Пред сè, сакам да и се заблагодарам на Жилиет. Работата со неа е еден вид сон. Таа е извонреден уметник за соработка. Таа е одлична жена. Таа канализира многу необична и уникатна енергија. Таа е инспиративна за работа. Таа дава на начин што јас не сум го доживеал со ниту еден друг актер. Како што можете да видите, полн сум со емоции, многу ја сакам“, рече Фајнс примајќи ја наградата.

    Бинош му одговори уште поемотивно.

    „Денес е многу посебен ден затоа што ја делам оваа ‘свадбена’ награда со тебе, Реиф. Ние сме многу среќни луѓе. Имаме заедничка основа, глумата и не само тоа. Место за преобразување, место за прикажување како раната може да стане радост, фрустрацијата може да стане храброст, стравот може да биде мирен дом. Пријателе мој Реиф, ти посакувам да доживееш вистинско ‘враќање дома’ до најрадосната и најинтимната вистина за себе. Знаеш што сакам да кажам со тоа. Глумењето со тебе е награда сама по себе и ми го исполнува срцето и умот, толку многу. Се чувствувам како да те познавам, а сепак сакам да те откријам. Ти си мистерија полна со противречности, а сепак токму затоа те сакам. Кога глумиме заедно, немаме каде да се криеме. Значи, да се покажеме себеси е секогаш најдобриот избор“,  рече таа на церемонијата за наградите која беше проследена со проекција на „Англискиот пациент“.

    Работата со Жилиет е еден вид сон, рече Фајнс во емотивниот говор во Солун. (Фото: ТИФФ)

    Во „Враќање“ на Уберто Пазолини, познат како продуцент на оскаровецот „Фул Монти“, снимен според Хомеровата „Одисеја“, Фајнс го игра Одисеј кој се враќа во Итака по 20-годишната Тројанска војна, а Бинош неговата верна сопруга Пенелопа.

    На прес-конференцијата, на прашањето дали барале проект за повторно да се сретнат професионално, Бинош одговори: „На почетокот, кога го прашав Умберто, тој ми рече дека нашата соработка е идеја на Реиф. Подоцна, кога го прашав Реиф, добив спротивен одговор. Важно е што верувам во судбината. Судено ни беше да го направиме го овој филм заедно, многу сакам да работам со него, но за жал и двајцата сме секогаш зафатени“.

    Фајнс зборуваше за нивната заедничка љубов кон театарот, откривајќи дека двајцата се запознале гледајќи се во театарски сцени. Бинош рече дека најпосебниот момент од оваа соработка е што можеби последен пат глуми со Фајнс.

    „Стигнуваме до возраст кога почнуваме да мислиме дека тоа можеби е нашиот последен филм заедно. Не можам да одберам само еден момент. На крајот на краиштата, секој момент ми е важен на филм. Не снимам филмови за мене, јас ги правам за вас, за човештвото и можноста сите да бидеме дел од нешто. Важно е да се опкружиш со одлични партнери кои можат да препознаат што нудиш, што во основа е невидливо“.

    Фајнс, пак, смета дека нема смисла да се избере само еден конкретен момент во која било соработка.

    „Понекогаш само треба да ја играш улогата. Попатно го наоѓаш значењето и не можеш точно да го изразиш. Кога Жилиет реши да работи со нас на ‘Враќање’, се чувствував како да ни претстои големо искуство. Некои улоги навистина е невозможно да се опишат“.

    Фестивалот продолжува во очекување на уште една ѕвезда, американскиот актер и режисер Мат Дилон, кој денеска ќе го претстави филмот за Марија Шнајдер „Да се биде Марија“ на Џесика Палуд, каде тој го игра Марлон Брандо на снимањето на „Последното танго во Париз“. Утре Дилон ќе добие почесен Златен Александар, а во негова чест ќе игра и неговото режисерско деби „Град на духови“ од 2002.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира