Седум сцени кои се најударни, најпознати од творештвото на Горан Стефановски се дел од претставата „Замисли нов свет“ во режија на Нела Витошевиќ, која премиерно ќе се изведе на 17 декември во Македонскиот народен театар (МНТ). Претставата е копродукција со „Сектор филм“.
Витошевиќ на денешната прес-конференција рече дека се работи за најпознатите сцени од драми како: „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Лет во место“, „Кула вавилонска“. Тие се ставени во постмодернистичка рамка, третманот е постмодернистички, а како сврзно ткиво користени се сонгови компонирани од Огнен Анастасовски.
„Јас ја имав привилегијата Горан да ми биде професор по драматургија на моите магистерски студии и да ги следам неговите магични предавања каде што некако нѐ зарази со театар. Ние, луѓето кои се бавиме со театарската уметност, сме заразени со неговите драми уште пред да тргнеме на факултет. Растени сме со тие текстови, со тие реплики, со тие монолози и мене ми претставува огромна чест затоа што конечнo добив прилика да работам нешто од мојот професор. Додека беше жив се договаравме да работиме еден негов текст, тоа не се оствари и сега имам чувство дека тој круг се затвора. Појдовна точка со драматургот Ана Ристоска-Трпеноска ни беше тоа што, како што вели Горан, ‘Јас сум драмски автор’ , ‘Јас сум раскажувач на приказни, јас живеам во повеќе светови но најамногу припаѓам на една земја која се вика театар’. Тргнувајќи од таа појдовна точка, сакавме да ја подвлечеме моќта на приказната и моќта на театарот да создава нови поинакви приказни. За таа цел, одбравме 7 сцени од култни дела од првата фаза од неговото творештво и една драма од втората фаза и тие ги споивме во една целина во која се испреплетуваат неколку теми, темата на себоспознавање и потрага по идентитет, потрага по тоа секој да ја најде својата приказна да ја преиспита и да биде спремен одноов и одново да ја создава. Темата на генерациски јаз и она што е крајно карактерстично за Горан, а тоа е да спротивставува, театарот да го направи како една арена во која се спротивставуваат различни гледишта“, кажа Витошевиќ.
Играат Игор Ангелов, Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Сценографијата е на Константин Трпеноски, а костимите на Роза Трајчевска-Ристоска.
Претпремиерата е на 16 декември, а претставата понатаму ќе биде дел од репертоарот на МНТ.
Театарскиот проект „Замисли нов свет“ е инициран од Телеком, во рамки на иницијативата #НаправиМесто со која се адресираат предизвиците со кои се соочуваме како општество и се повикува за нивно надминување.
Б. НЕСТОРОСКА