Заврши снимањето на долгометражниот игран филм „Југославија, мојата татковина“ (Jugoslavija, moja dezela), по сценарио и во режија на Горан Војновиќ од Словенија и Александар Поповски од Македонија, соопштија од продукцијата. Филмот е во продукција на „Арсмедиа“ од Словенија, а македонски копродуцент е „Кино око“.
Војновиќ е словенечки режисер, писател и колумнист. Поповски е еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера, со над 70 театарски претстави низ Европа. Поповски е уметнички директор во Мариборската драма веќе осум години, тоа му е втор мандат од по пет години.
Филмот се снимаше во Словенија, Хрватска, Австрија, Босна и Херцеговина и Србија. Продуцент на филмот е Боштјан Иковиќ („Арсмедиа“), а македонски копродуцент Роберт Насков („Кино око“).
Главните улоги ги ираат Матевж Слуга, Клара Кук, Наташа Барбара Грачнер, Игор Самобор, Драган Мичановиќ, Зоран Цвијановиќ, Изудин Бајровиќ и други регионални актери.
„Луѓето се сеќаваат. Тоа е нивното најголемо проклетство.“, вели еден од ликовите во книгата „Југославија, моја татковина“ напишана од Горан Војновиќ според која е снимен филмот.
„Владан Боројевиќ, триесетгодишен доцент на Факултетот за уметности, живее мирно со девојката Надја сè додека на една фотографија не здогледа војник кој личи на неговиот покоен татко“, се вели во најавата за филмот.
Директор на фотографија е Милош Срдиќ, сценограф Наташа Рогељ, костимограф Јелена Проковиќ, маскер Горан Игњатовски, композитор Кирил Џајковски, монтажер Александар Станоjевиќ а дизајнер на звук Боштјан Качичник.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија со 2,8 милиони денари (околу 45.000 евра) на на Конкурсот за финансирање филмски проекти во вториот рок за 2025 година.



