ГОРД СУМ НА УЛОГИТЕ, НО УСПЕХОТ НИКОГАШ НЕ МЕ ЗАНЕСЕ, ВЕЛИ АКТЕРОТ ПЕТАР ГОРКО КОЈ СЛАВИ 30 ГОДИНИ НА СЦЕНА

    ГОРД СУМ НА УЛОГИТЕ, НО УСПЕХОТ НИКОГАШ НЕ МЕ ЗАНЕСЕ, ВЕЛИ АКТЕРОТ ПЕТАР ГОРКО КОЈ СЛАВИ 30 ГОДИНИ НА СЦЕНА„Чувството кога си на сцена е како цел свет да е твој, во најпозитивната смисла на зборот. Иако да се стигне до добро одиграна улога е многу тешко, најмногу поради длабинското копање низ многуте случки животни, убави и неубави“, вели Петар Горко, еден од најистакнатите актери на Народниот театар од Битола. (Фото: Битолски театар)

    За првпат имал премиера на Охридско лето на 17 јули 1989 со претставата „Мизантроп“ по текст на Молиер, а во режија на Владимир Милчин. Оттогаш до сега се нанижале 90 одиграни улоги, од кои 19 Шекспировски, над 2.500 претстави, филмови, ТВ-серии, филмски и музички фестивали, сопствени концерти. Петар Горко, еден од најистакнатите актери на Народниот театар од Битола (НТБ), слави 30 години плодна актерска кариера.

    „Горд и исполнет сум секогаш кога ќе одиграм добра улога. Но, не дозволив тоа да ме однесе во негативна егоистичка состојба, да се занесувам кој сум и што сум. Мојот став е дека сум само човек, а тоа што го работам е моја работа. Без разлика што е јавна. Најсимптоматично кај многу професии, посебно во нашата, е да се занесеш и тогаш се губиш, тогаш мислиш дека сѐ знаеш, а всушност само носот ти е малку погоре. Јас секогаш почнувам од нула, како ништо да не знам“, вели Горко и покрај големиот професионалниот багаж што го носи.

    „Мојот став е дека сум само човек, а тоа што го работам е моја работа. Без разлика што е јавна“, вели Горко. 

    Со насмевка се присетува дека во првиот состав напишал оти кога ќе порасне ќе биде доктор хирург, а по првиот рецитал во Пионерскиот дом го обезела љубовта кон актерството. Тоа за него претставува поинтензивен живот од обичниот, со многу адреналин и севкупна слобода.

    „Чувството кога си на сцена е како цел свет да е твој, во најпозитивната смисла на зборот. Иако да се стигне до добро одиграна улога е многу тешко, најмногу поради длабинското копање низ многуте случки животни, убави и неубави, низ длабочините на непознатото во мене, како санта која не се гледа во длабочините на Гренланд. Сепак, сетоа тоа те учи, те преиспитува, те променува кон подобро, стануваш духовно побогат“, додава актерот.

    Актерскиот ангажман му се дели на етапи. Почетниот периот е врзан за претставата „Сирано де Бержерак“ и ликот Кристијан де Невиет кога се прослави. Во следниот период во една година, во 1994, одиграл четири насловни ликови, меѓу кои и ликот на Магбет.  Трета етапа се претставите „Мачка на вжештен лимен покрив“ и „Македонска крвава свадба“, кои предизвикале огромни промени кај него и на личен план, созревање, среќа. Па претставата „Тито“, во која со помош на режисерот Бранко Брезовец успеал да се ослободи од сите останати детски комплекси, кочници за тотално опуштање на сцената, па големата улога во „Хенри Шести“- со која НТБ гостуваше во Лондон, Кина, Америка, улога за која беше прогласен и за актер на годината од „Дневник“. Последната етапа почнува со „Смртта на трговскиот патник“, па сѐ до последната „Август во округот Осејџ“, каде неговата игра е зрела, искрена, без патетика и претерувања, или како што вели „таков сум каков што сум и на сцена“.

    Горко доби големи пофалби за улогата во „Хенри Шести“ , а беше прогласен и за актер на годината од „Дневник“ (Фото: Битолски театар)

    „За жал нашата работа е таква, после погреб играш претстава, се смееш кога ти е најтешко, плачеш кога ти е најубаво. Сум играл со 40 степени температура, сум играл кога детето ми било на болница во Скопје со непозната дијагноза. Да, не сум бил пуштен со оправдание дека детето има мајка, па не се откажувале претстави за тоа. Тоа боли. Не сум само јас, има и пострашни ситуации на колеги. Но, тоа е нашиот избор, кој за жал не  е разбран често од раководствата на театрите или од колегите“, вели Горко.

    Го револтира и тоа што со години политиката влијае врз уметноста.

    „Не ми се допаѓа тоа воопшто, се губи смислата на уметноста, на начинот на функционирање и на крај на постоењето на театарот. Кога би биле ослободени од политика, актерите и цел уметнички персонал би бил послободен да прави добри улоги, а со тоа и добри претстави. Не дека не се прават, но сепак секогаш во годината многу години наназад има по наредба претстави, а тоа не е добро, тие се со краток рок, умираат уште неизлезени“, вели Горко.

    Во кариерата на Горко се набројани 90 одиграни улоги, од кои 19 Шекспировски, над 2.500 претстави, филмови, ТВ-серии, филмски и музички фестивали, сопствени концерти

    Својот 30-годишен актерски јубилеј ќе го прослави преку дружба со верната публика на 12 септември во 20 часот во ресторан „Чифлик“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира