ГОСПОД НЕ ПОСТОИ

(Кон филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, играат Зорица Нушева, Лабина Митевска, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари, Бајруш Мјаку, Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Петар Мирчевски)

    ГОСПОД НЕ ПОСТОИСцена од „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, петтиот филм на Теона Стругар Митевска

    „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, петтиот долгометражен игран филм на Теона Стругар Митевска, имаше светска премиера во конкуренција за престижната Златна мечка на Берлинале, која заедно со селекциите за Златен лав во Венеција и Златната палма во Кан се најпрестижните во светот. Со тоа, ова е еден од најголемите успеси на македонски автор во современата кинематографија.

    Селекцијата за награди на еден ваков првокласен фестивал е комплексен амалгам, составен од вкусот на селекторот, неговата калкулација, есапење на очекувањата на публиката и на фестивалската политика. Дали еден филм ќе биде селектиран од стотиците пријавени, неретко не зависи само од тоа дали е добар или не, туку и од неуметнички фактори – дали ќе го потрефи и она што на јазикот на невладините организации се вика „трансверзални теми“ – дали допира актуелни општествени теми (етнички, родови, религиозни, еколошки прашања…). Значи, дали штиклира многу полиња. Од моето искуство при членувањето во меѓународни жирија на критиката на големи и мали фестивали, стално имало филмови за кои сум се чудела како ли влегле во конкуренцијата?

    Но, без оглед на сѐ, секоја селекција е неспорна исто како што е неспорен и победникот на секој фестивал, и сите имаат историска вредност.

    Теона Митевска не е странец на Берлинале, четирипати нејзин филм играл во паралелната програма Панорама, од дебито со кусиот „Вета“ (2001), преку „Јас сум од Титов Велес“(2008), „Жената што си ги избриша солзите“ (2012), до „Кога денот немаше име“ (2017).

    Како некој кој со должна почит и внимание го следи и рецензира опусот на Теона, од дебито „Како убив светец“ до „Кога денот немаше име“, за „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ имам добра и лоша вест.

    Добрата вест е, ова е најдобар филм на Теона.

    Лошата вест е, ова сепак не е добар филм.

    Ај прво за добрата вест.

    По сценарио на Митевска и Алма Татарагиќ, филмот е инспириран од вистински настан, кога на Водици во 2014, 31-годишната Борислава Вескова беше прва жена што го фати крстот во штипско Ново Село, но група момчиња ѝ го зедоа, а свештеникот не само што не им даде благослов на момчињата туку и лично го пријави крадецот во полиција. По интервенција на полицијата крстот ѝ беше вратен на Вескова.

    Инспирирани од бизарноста на настанот, сценаристките напишале приказна за 32-годишната Петрунија (ја игра Зорица Нушева), невработена дипломирана историчарка без самодоверба, која живее со родителите и страда од настојчивата мајка (ја игра Виолета Шапковска) која сака да ѝ го контролира животот и не ѝ дава никаква поддршка. Враќајќи се од уште едно грубо неуспешно интервју за работа, Петрунија ќе се најде среде толпата мажи што ќе скока по крстот и во мешаницата, одеднаш и таа ќе скокне и – ќе го фати крстот. Тука почнува масовната хистерија оти момците ќе сакаат да ѝ го земат, попот нема да ја поддржи оти црквата не признавала жена да фати крст, а таа ќе избега дома, убедена дека е нејзин и дека и она има право да биде среќна. После, полицајци ќе ја соберат во станица и ќе ја убедуваат да го врати крстот оти ќе има белја. Она не е уапсена, ама не може ни да излезе од полиција, оти надвор ја чека толпата лути мажи да ѝ го земе крстот. Одеднаш, цел (машки?) свет е против Петрунија, освен новинарката Славица (ја игра Лабина Митевска) која е упорна приказната што ја смета за кршење на женските права да ја истера до крај…

    Она што е најинтересно во оваа приказна е како еден бизарен настан ќе ја разбуди зачмаената Петрунија и ќе ја мотивира да се избори за правото да биде среќна и почитувана. Овој аспект на приказната можеби ќе се изгубеше во сета бука на претенциозно пренагласениот социјален сетинг да не беше одличната игра на дебитантката Зорица Нушева, која ликот на лузерката Петрунија го гради со многу деликатност и усет за емотивните промени. Петрунија на Нушева е тивка но пркосна и во ниеден момент не се прифаќа себеси како жртва, ниту во семејството ниту во општеството, опкружувања кои не се благонаклони кон неа пред сѐ како човек, а не само како жена. Токму деликатноста на Нушева од Петрунија создава жив лик, чија лична човечка драма има потенцијал да му даде смисла на целиот филм.

    Ќе беше добро Теона да се фокусира целосно само на овој аспект на приказната, ама нејзе не ја интересира човекот, нејзината амбиција очигледно не била да раскаже приказна, туку да прати порака.

    И тука доаѓаме до лошата вест за овој филм. Имено, Теона и во овој филм ја користи својата омилена постапка – наивна манипулација и ситнобуржујски шминкерски активизам, за теми за кои таа главно не знае ништо и нема баш што умно да каже, но осеќа што е политички коректно и курентно, и сака да го искористи моментот.

    А уметноста се занимава со Човекот, не со политичката коректност.

    Баш поради тоа што во „Петрунија“ има најжив лик досега, во овој филм најмногу се гледа судирот на Теона раскажувачката со Теона шминкерската активистка, која сега со помпезно памфлетско декламирање попува за „машката доминација маскирана како традиција…“. Да, тоа е една од бројните плакатно-слогански реплики на новинарката Славица, која Лабина Митевска ја игра со толку пренагласена карикираност, што личи на слапстик комедија. И како опстојуваат во една целина човечката драма и карикирањето? Никако, карикирањето ја јаде драмата.

    Во „Петрунија“ Теона повторно работи со белгиската кинематограферка Вирџини Сен-Мартен (која го снимаше и „Јас сум од Титов Велес“). Сен-Мартен нашла успешен баланс меѓу „валкано“ документарното и поетското во сликата, и баш тоа е она што ја исфрла во прв план човечката драма на Петрунија. Интересно, како само Сен-Мартен и Нушева да разбрале за што всушност требало да биде овој филм.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира