„ГОСПОЃА МИНИСТЕРКА“ НЕ Е ТРГНАТА ОД РЕПЕРТОАРОТ НА МНТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ДРАГАН СПАСОВ ДАЦ

    „ГОСПОЃА МИНИСТЕРКА“ НЕ Е ТРГНАТА ОД РЕПЕРТОАРОТ НА МНТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ДРАГАН СПАСОВ ДАЦДиректорот на МНТ вели дека во претставата што е приватен проект на актерката Весна Петрушевска се чувствува замор и потребно е да се среди сценографијата, костимите и да се направат неколку проби за истата да го добие првичниот сјај од премиерата; - Весна Петрушевска во сцена од „Госпоѓа министерка“ (Фото: МНТ)

    Претставата „Госпоѓа министерка“ не е симната од Македонскиот народен театар, вели директорот Драган Спасов Дац откако актерката Весна Петрушевска објави дека таа не е ставена на репертоарот. Тој денеска на својот фејсбук профил објави дека „Госпоѓа министерка“ и понатаму ќе се игра во МНТ, но во моментов други претстави имаат приоритет.

    „Претставата која беше во приватна продукција, а пред некое време Весна изјави дека ја подарува на МНТ, ќе се игра. Во моментов МНТ има многу нови и квалитетни претстави кои мораат да имаат приоритет. Се спремаат три нови претстави од кои едната е ‘Мама миа’, мјузикл кој бара многу простор и време. Претставата ‘Госпоѓа министерка’ има своја публика и наскоро гледачите ќе можат да ја видат повторно. Во таа претстава се чувствува замор и ќе предложам да се среди сценографијата, костимите и да се направат неколку проби за истата да го добие првичниот сјај од премиерата“, вели Дац.

    Пред два дена, актерката Весна Петрушевска на својот фејсбук профил напиша дека претставата која има над 150 изведби не е ставена на репертоарот на МНТ, како и претставите „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ и „Брачна игра“.

    „’Госпоѓа министерка’ имаше продадено над 80.000 билети, како независен проект без пари од Министерство за култура во копродукција со МНТ, како и претставите ‘Кој се плаши од Вирџинија Вулф’ и ‘Брачна игра’. Па браво. Алал да ви е“, напиша Петрушевска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира