ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПОЧНА ДА ГО СНИМА ДЕБИ ФИЛМОТ „ДЕНОТ НА ЖЕНАТА“, ТРИЛЕР ЗА ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ И ПРОСТИТУЦИЈАТА

    ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПОЧНА ДА ГО СНИМА ДЕБИ ФИЛМОТ „ДЕНОТ НА ЖЕНАТА“, ТРИЛЕР ЗА ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ И ПРОСТИТУЦИЈАТАФилмот ќе се снима месец на повеќе локации во Скопје и Куманово. - Режисерот Цветановски со актерката Егзона Салиху. (Фото: М. Угарковиќ)

    „Проститутките“ наредени долж улицата зад стадионот „Тоше Проески“ не го претворија овој дел од Скопје во сомнителна зона во ноќните часови, туку тие беа дел од снимањето на првите кадри од првиот игран филм на Гоце Цветановски, „Денот на жената“. Трговијата со луѓе, присилната проституција и насилството врз жени се во фокусот на овој социјално ангажиран крими трилер, што овој месец ќе се снима на повеќе локации во Скопје и Куманово. И покрај мрачната тема, екипата на филмот вели дека тој има оптимистичка порака.

    Директорот на фотографијата Фејми Даут со актерите Муса Исуфи и Исмаил Касуми (Фото: М. Угарковиќ)

    „Многу сум среќен што после толку труд, посветеност и работа конечно ми се отвори можност да работам долгометражен игран филм. Се надевам дека со овој филм ќе отвориме една нова димензија во македонската филмска индустрија, каде што комерцијалниот и уметничкиот дел ќе бидат еднакво застапени. Очекувам темата да привлече голем интерес кај публиката, па и контроверза поради своите ангажираност и провокативен пристап“, изјави Цветановски, кој е режисер и сценарист на филмот, чие снимање се одвива под строгите протоколи за заштита од ковид-19.

    Во главни улоги се Слаѓана Вујошевиќ, Муса Исуфи и Исмаил Касуми, а во актерската екипа се и Катерина Коцевска, Дамјан Цветановски, Елени Декидис и Егзона Салиху.

    Директор на фотографијата е Фејми Даут, за кого ова е прв игран филм по работата на документарецот „Медена земја“, кој имаше две номинации за Оскар.

    Филмот е во продукција на „Македонска крепост“, а е поддржан со 23 милиони денари (околу 380 илјади евра) од Агенцијата за филм на конкурсот во 2019 во вториот рок на одлучување. Продуценти се Богдан Јончевски, Дритон Рамадани и Гоце Цветановски, а извршен продуцент е Виктор Павловски.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира