ГРЧКИ ЕКСПЕРТИ ГИ ИСТРАЖУВАА ФРЕСКИТЕ ВО ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ЗА ДА СЕ ИЗРАБОТИ СТУДИЈА ЗА НИВНО ОДРЖУВАЊЕ

    ГРЧКИ ЕКСПЕРТИ ГИ ИСТРАЖУВАА ФРЕСКИТЕ ВО ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ЗА ДА СЕ ИЗРАБОТИ СТУДИЈА ЗА НИВНО ОДРЖУВАЊЕСе очекува студијата да биде завршена до следниот јули и да се предложат зафати за одржување на фреските. (Фото: Амбасада на Грција)

    Експерти од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици (ЕЦВПС) во Солун спроведоа истражување во црквата „Св. Ѓорѓи” во Курбиново, со цел да се изработи студија за одржување на фреските. Ова произлегува од Меморандумот за соработка, што Министерството за култура го потпиша со ЕЦВПС во јуни минатата година.

    По теренските истражувања направени од конзерваторскиот тим од ЕЦВПС, Министерството за култура неодамна ја одобри изработката на студијата, која опфаќа земање примероци од боите, правење слики со помош на мултиспектрални камери, земање примероци со помош на УВ-зрачење, колориметрија, стереомикроскопски анализи и фотографирање со тангентно осветлување.

    За потребите на истражувањето, од Грција беше донесена најсовремена опрема (Фото: Амбасада на Грција)

    Изминативе денови, тимот составен од конзерватори од ЕЦВПС и од вработени во Заводот за заштита на спомениците и музеј – Битола истражуваа на самото место, користејќи специјализирана и технолошки најсовремена опрема, што беше донесена од Грција. Целта е да се комплетира најдобрата можна документација на ова автентично сликарство, идентификација и верификување на можните натсликувања и на сите зафати што биле изведени низ вековите и да се предложат зафати за одржување на фреските.

    Се очекува студијата да биде завршена до следниот јули, по што треба да биде одобрена од надлежните органи на Министерството за култура. ЕЦВПС потоа ќе може да продолжи со извршување на работите за одржување на фреските на сметка на грчкото министерство за култура и спорт.

    Црквата „Св. Ѓорѓи“ претставува еден од најзначајните споменици од периодот на византиска Македонија. Во 2020 беше прогласена за културно наследство во опасност, откако ѕидовите на некои места распукаа, а фреските пожолтеа, меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил, кој е мотив и на банкнотата од 50 денари.

    Конзерваторски активности во црквата почнаа во 2017, но бавно се одвиваа од административни и финансиски причини. Досега беа спроведени само заштита на покривната конструкција и превентива на ѕидното сликарство. Министерството за култура за оваа година издвои 10 милиони денари за конзервација и реставрација на архитектурата, конструкцијата и ѕидното сликарство на црквата.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира