ГРЧКИОТ МУЗЕЈ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ ОД СОЛУН ЗА ПРВПАТ СО ИЗЛОЖБА ВО МАКЕДОНСКИОТ МСУ

    ГРЧКИОТ МУЗЕЈ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ ОД СОЛУН ЗА ПРВПАТ СО ИЗЛОЖБА ВО МАКЕДОНСКИОТ МСУВо МСУ од вечерва ќе бидат изложени дела од 16 автори, повеќето од Грција, а има и од Германија и од Србија, во области како фотографија, видео, инсталации и слики; - Вчера привршуваа подготовките за изложбата (Фото: К. Попов)

    Грчкиот Музеј на современа уметност МОМус од Солун за првпат во историјата ќе изложи свои дела во македонскиот Музеј на современа уметност (МСУ), со изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ која се отвора вечерва во 20 часот. Скопската изложба следи откако во јуни во МОМус беше отворена изложбата на МСУ „Сѐ што ни е заедничко“ со 14 уметници.

    Во МСУ од вечерва ќе бидат изложени дела од 16 автори, повеќето од Грција, а има и од Германија и од Србија, во области како фотографија, видео, инсталации и слики.

    „Ова е историски чин за двете земји и прв ваков исчекор, МОМус од Солун да изложи значајни дела од својата разнолика и богата колекција во МСУ Скопје“, вели директорката на МСУ Мира Гаќина. Таа додава дека соработката меѓу двете институции не претставува само културна размена, туку „ја степенува важноста и за поширока билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Грција и е од огромно значење за двете земји“.

    „Уметноста го има приматот да ги обединува луѓето за добра цел. Искрено се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи со ваков интензитет и во иднина“, вели Гаќина.

    Од тимот на МОМус во Скопје дојда кураторката Сираго Цијара, нејзините асистенти Домна Гунари и Ерини Папаконстантину, како и претседателот на Управниот одбор на музејот, Андреас Такис и директорката на МОМус, Мариа Цацаноглу.

    На отворањето на изложбата ќе дојде и поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис. Бутарис, кој важи за голем пријател на македонските политичари, заедно со грчката делегација и директорката на МСУ Гаќина за време на посетата на Скопје за 26 јули, ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Глигор Стефанов „Грабење во просторот“.

    По отворањето и говорите на државниот врв, во 21:30 часот свој диџеј сет ќе настапи Димитрис Ангелис.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира