Оскаровката Хелен Мирен ќе добие почесна Златна мечка за животно дело, на 70. издание на Берлинскиот филмски фестивал (20 февруари – 1 март). Во нејзина чест, на 27 февруари во Палатата на Берлинале, ќе се прикаже филмот „Кралицата“ од 2006, за кој го доби Оскарот за најдобра актерка.
„Со децении, харизмата, изразот и стилот на Хелен Мирен се претставени преку голема плејада на жанрови. Мирен има силен карактер чии моќни претставувања се секогаш импресивни. Таа постојано и постојано изненадува, без разлика дали е Крис во ‘Девојки од календарот’ или кралицата Елизабета Втора во ‘Кралицата’, нејзината игра е парадигма на моќна жена. Затоа со огромно задоволство ѝ ја доделуваме почесната Златна мечка“, изјави Мариет Рисенбек, извршна директорка на Берлиналето.
Покрај големиот број награди во богатата кариера во театар и филм, 74-годишната Мирен во 2007 доби и Златен глобус за улогата на кралицата, а има добиено и Тони и Оливие награди. Во 2003 доби орден дама од британската кралица.
Претседател на жирито на годинашното јубилејно издание ќе биде британскиот оскаровец Џереми Ајронс.