„ХОМО“ СЕ СЛУЧУВА ОВДЕ И СЕГА, ВЕЛИ ИВАНОВ-ИЗИ ЗА ФИЛМОТ ШТО ГО СНИМА ВО СКОПЈЕ

    „ХОМО“ СЕ СЛУЧУВА ОВДЕ И СЕГА, ВЕЛИ ИВАНОВ-ИЗИ ЗА ФИЛМОТ ШТО ГО СНИМА ВО СКОПЈЕНа првата клапа на „Хомо“ се снимаше сцена со актерот Игор Ангелов, кој го игра ликот на Поп Христо (Фото: К. Попов)

    „’Хомо’ е филм кој се случува овде и сега и е приказ на нашето општество во кое се доведени во прашање примарните човечки вредности. Станува збор за ‘корална’ структура сочинета од 6 индивидуални приказни за 6 карактери од Скопје чии животни судбини се менуваат засекогаш“, вели режисерот Игор Иванов-Изи за својот трет долгометражен игран филм, чија прва клапа падна денеска во Скопје.

    „Хомо“, по сценарио на Иванов и Сашо Кокаланов, е продукција на „Скопје филм студио“ и продуцентот Томи Салковски, а снимањето ќе трае пет недели на повеќе од 20 локации низ Скопје. Според продукцијата, филмот е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови.  Кинематограферка е Маја Радошевиќ од Србија.

    „Станува збор за ‘корална’ структура сочинета од 6 индивидуални приказни за 6 карактери од Скопје чии животни судбини се менуваат засекогаш“, вели режисерот Игор Иванов-Изи за својот трет долгометражен игран филм, чија прва клапа падна денеска во Скопје (Фото: К. Попов)

    „Режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Секој лик живее посебна и одделна приказна. Виктор (го игра Сергеј Димовски) е недораснат триесетгодишник, кој не сака ништо да работи. Петра (ја игра Јоана Буковска-Давидова) има навидум сè што може да се посака во животот. За Сократес (го игра Оливер Митковски) смеата е базична човечка карактеристика. Борбата за живот е примарната карактеристика на Кети (ја игра Наташа Петровиќ), улична проститутка, која неуморно се бори со канџите на капитализмот. Последната приказна е раскажана преку ликот на Гоги (го игра Александар Матовски-Цако) прекрасен млад човек со Даунов синдром кој е израз на чиста љубов. Сите приказни на овие ликови завршуваат со поинаков, различен крај, за некого подобар, за некого полош, со неколку суштински важни пораки – преиспитување на примарните човечки вредности и освестување на човекот за неговата деструктивна моќ“, велат од продукцијата.

    На првата клапа се снимаше сцена со актерот Игор Ангелов, кој го игра ликот на Поп Христо.

    „Навистина сум возбуден и среќен за почетокот на снимањето. Целиот овој процес надополнет со одличната екипа со која работам ми создава прекрасно чувство и ми влева доверба дека заедно ќе креираме одличен филмски продукт кој ќе се допадне на публиката“, вели Ангелов.

    Сергеј Димовски го игра Виктор, недораснат триесетгодишник кој не сака ништо да работи (Фото: Скопје филм студио)

    Во филмот играат 70-на актери меѓу кои и Игор Ангелов, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Себастијан Каваца, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски, а е копродукција со „Гала Филм“ од Бугарија (продуцент Галина Тонева), „Арт енд попкорн“ од Србија (продуцент Мирослав Могоровиќ), „Иридиум Филм“ од Словенија (продуцент Бојан Станковиќ) и „Тригер“ од Косово (продуцент Лумбард Кукај).

    „Homo ridens или човекот што се смее е една од петте приказни во која ќе креирам лик на депресивен стенд-ап комичар во потрага по својата среќа. Иако звучи како оксиморон, сепак во психологијата е познато дека овие два термина често одат рака под рака. Хуморот понекогаш служи само како дефанзивен механизам за сокривање или ублажување на вистинската состојба но хуморот и депресијата кај повеќето луѓе се нераздвојни ентитети. Ќе ве потсетам на човекот кој отишол на доктор затоа што бил депресивен, докторот му препорачал да го посети циркузот во градот во кој настапувал пресмешен палјачо, а на тоа човекот му одговорил: Па јас сум палјачото!”, вели Оливер Митковски.

    „Ова е скопски филм, за нашата генерација и времето во кое живееме. Проектот е копродукција меѓу пет земји, а особен предизвик е неговата реализација во која е вклучена голема меѓународна екипа, околу 70 актери и преку 450 статисти. За потенцирање е возниот парк од 100 возила во слика“, вели продуцентот Салковски.

    Иванов е режисер на краткиот филм „Бубачки“, долгометражните „Превртено“ и „Соба со пијано“, на епизоди од ТВ-сериите „Инсајдер“, „Преспав“, „Наше Маало“, „Пет плус“, една епизода од српската „Сенки над Балканот“, како и на документарците „Кавал“ и „Гајда“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари