Добитниците на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), годинашниот, Ранчо Христов, и ланскиот, Ѓоко Радовановиќ, синоќа во салонот на МАНУ ги примија признанијата за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Со добивањето на оваа награда, Христов и Радовановиќ станаа членови на Академијата на архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ.
Претседателот на ААМ проф. Мишко Ралев на свеченоста кажа дека долгогодишната работа на Христов и Радовановиќ во архитектурата, дизајнот и градителството претставува „нераскинлив дел од материјалната култура на нашата земја, одредувајќи ги меѓу првите насоките на македонската архитектура во услови на создавање на сувереноста и независноста на државата“.
„Тие меѓу првите ја разбраа новата општествено економска констелација и наместо да ламентираат врз тоа што изгубија се насочија кон тоа што ќе добијат. Тие се меѓу првите кои успеаја да ја третираат архитектурата како бизнис од кој може и добро да се живее и тоа како сопствен, свој бизнис, зашто наспрам нив се појавија инвеститори кои за свои сопствени средства сакаа да градат. Оттогаш сè зависеше од нив, нема директори, референти, работнички совети, СИЗ-ови. Архитектурата и сè околу градбата стана пазар, се купуваше и продаваше за профит. Но сепак, за среќа нашите лауреати не беа едноставни пазарџии, тие беа предводници на новиот бран во архитектурата не само како мисла, проект и дизајн туку и во воспоставувањето на новите релации помеѓу проектантот, инвеститорот, изведувачот и секако општеството. Тие нам ни беа примери и тоа директни, не како авторитетни учители туку како постари браќа од кои можеш да гледаш што прават и да ги копираш, па дури ни беа и идоли, нешто како селебрити рок звезди, ‘Ролинг стоунси’ и ‘Битлси’“, рече Ралев.
Христов е еден од основачите на архитектонското биро „Ателје Ајвар“ од Скопје, а Радовановиќ на ателјето РАДО. Обете награди се доделија вчера оти ланската не се врачи поради пандемијата на ковид-19.